декември 8, 2022

Обвинителството истражува обиди за поткуп

Комисијата на Јавното обвинителство која има задача да ги следи евентуалните кривични дела против изборите и гласањето информира дека постапува по низа известувања за наводен поткуп на избирачи и други пријави за изборни нерегуларности.

Оттаму укажуваат дека струмичкото обвинителство постапува по известувањето дека извесно лице на бензиска станица во с. Василево, нудело ваучери за гориво за да се гласа за определена политичка партија. Обвинителството издало наредби за обезбедување на видео камери, видео записи и презема дејствија за утврдување на фактите.

Во истото обвинителство се примени известувања и за обиди за поткуп на избирачи во с. Добрадинци, каде сношти околу 21.00 часот, лице нудело пари за да се гласа за определена политичка партија. Вториот настан се случил во с. Дражево, каде околу 21.50 часот лице вработено во Центарот за социјални работи агитирало со закани за да се гласа за определена политичка партија.

Во Основното јавно обвинителство во Кочани се преземаат дејствија за расчистување на вкупно шест настани пријавени до 13 часот. Тие се однесуваат на наводен изборен поткуп и за агитирање со организирано носење гласачи до избирачките места.

Во Основното јавно обвинителство Скопје пак е добиено известување дека на избирачко место во ОУ Петар Поп Арсов, на лице со истечена лична карта не му било дозволено да гласа, по што тој почнал вербална расправија и со мобилен телефон ги снимил членовите на избирачкиот одбор. Јавен обвинител презел дејствија за расчистување на настанот.

На електронската адреса на која граѓаните можат да пријават сомненија за изборни нерегуларности , како што соопштија од обвинителството, денеска се пристигнати вкупно пет известувања. Преставници на една политичка партија испратија четири известувања за наводен поткуп на гласачи кои се вршеле во избирачки места во Кочани. Известувањата се итно проследени во надлежното Основно јавно обвинителство Кочани и по нив се постапува.

Основач на граѓанска организација на истата адреса испратил известување за наводни изборни нерегуларности кои се вршеле преку агитирање на социјалните мрежи. Известувањата се проследени и се предмет на постапување во надлежните обвинителства.

По сите известувања се постапува итно и со приоритет, согласно насоките дадени од Комисијата.​

Сподели