декември 8, 2022

М- Нав се расфрла со плати

„Македонска навигација“ минатата година поделила милион евра, односно 60,88 милиони денари, како тринаесетта плата за своите 306 вработени, покажува последниот извештај за работењето на регулаторот на авионските летови. Станува збор за многу поголема исплата за разлика од таа во 2018 кога беа доделени над 800.000 евра, во сума во која се вклучени и придонесите и данокот.

Додека динамиката на зголемување на приходите на М-НАВ од година в година е вообичаена, трошоците за плати се радикално поголеми. За плати и други лични примања во 2019 биле потрошени 853,8 милиони денари, додека една година претходно 698,2 милиони денари, што значи станува збор за разлика од 2,5 милиони евра. Порастот е уште поголем споредено со 2017 кога тој се движел околу 10 милиони евра.

– За ставката бруто-плати реализирани се повеќе средства од планираните заради зголемени стапки на придонеси кон државата (персонален данок, придонеси кон ПИОМ, кон ФЗОМ, придонеси за вработување и бенефициран стаж), нови 16 вработувања, како и исплатени награди за работна успешност поради зголемен обем на работа, објаснуваат од М-НАВ.

Конкретно кај платите, иако биле планирани 652 милиони денари, на крајот биле потрошени 815,5 милиони денари. За исплата на К-15 е дадено 5,16 милиони денари, а во 2018 сумата изнесувала 4,65 милиони.

„Македонска навигација“ лани бележи приходи од 1.092 милијарди денари или околу 18 милиони евра од контрола на прелети и терминални услуги за двата аеродроми. Тоа се само 38 милиони денари повеќе од 2018. Платите и другите давачки за вработените се убедливо најголемиот трошок во структурата на расходите.

М-НАВ е една од ретките организации која дели 13-та плата во Македонија, а последните години вкупната сума за оваа намена се движеше околу 800.000 евра.

Сподели