декември 8, 2022

Кој навистина лаже – Силјановска или Димитров?

Владата на Република Македонија, во име на Република Македонија, преку неовластено лице, Никола Димитров, немала право да склучи договор со Република Грција и овој договор де факто и де јуре е ништовен, односно од него не може да произлезе никакво право, ниту обврска!

Сподели
 
 
 
   
Роберт Милески

Ја гледав дебатата на провладино-прогрчката Телма помеѓу Димитров и професорката Силјановска. Од она што можев да го забележам е очигледната нервоза кај Димитров, деновиве манифестирана и на митинг, околу неговиот потпис ставен на преспанскиот договор.

Мислам дека токму деновиве Димитров за првпат прочитал и сфатил дека навистина немал законско право да потпише таков договор и затоа реагира бурно и нервозно. Да бидам искрен, и јас би бил нервозен доколку би постапил наивно како него и би се нашол во ваков судир со казненото право.

Според мене, човекот сега сфатил дека е изигран и насанкан од Заев кога го натера тој да стави неовластен потпис на меѓународен договор. И секако, според онаа познатата максима – нападот е најдобра одбрана, Димитров на Силјановска во очи и вели дека лаже! Замислете, на професор по уставно право тој и држи лекции од областа на уставното право! Која дрскост!

Но, нејсе, ајде да видиме кој е во право. Јас со оваа материја се занимавам веќе три години, од моментот кога на виделина излезе нацртот за преспанскиот договор. За да заклучиме самите, прво ќе го погледнеме македонскиот Устав. Имено, да видиме што дефинира членот 119.

Устав на РМ

Член 119

Меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува Претседателот на Република Македонија.

Меѓународни договори може да склучува и Владата на Република Македонија кога тоа е определено со закон.

Од овој член јасна е дистинкцијата помеѓу надлежностите на Претседателот на државата во врска со меѓународните договори и Владата. Имено, се забележува дека кај Претседателот Уставот не предвидува никаква рамка во која тој смее да потпишува меѓународни договори, додека кај Владата Уставот предвидува можност само кога тоа е определено со закон.

Во Законот за Владата на Република Македонија нема одредба што предвидува надлежност на Владата за склучување меѓународни договори, туку закон во кој е определено кога Владата може да склучува меѓународни договори е Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори („Службен весник на РМ“ бр.5/1998).

Како меѓународен договор, во смисла на овој закон, се смета договор што Република Македонија ќе го склучи во писмена форма со една или со повеќе држави или со меѓународни организации, со кој се утврдуваат права и обврски за државата, во согласност со Уставот на Република Македонија и меѓународното право.

Според истиот закон (член 3 став 2), Владата може, во име на Република Македонија, да склучува меѓународни договори со кои се уредуваат прашања од следните области: економија, финансии, наука, култура, образование и спорт, сообраќај и врски, урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, земјоделство, шумарство, водостопанство, здравство, енергетика, правда, труд и социјална политика, човекови права, дипломатско-конзуларни односи, како и од областа на одбраната и безбедноста на државата, освен за прашања во врска со границата на Република Македонија, стапување во сојузи или заедници со други држави или за истапување од такви сојузи и заедници и други меѓународни договори, кои, според меѓународното право, ги склучуваат шефови на држави.

Од оваа одредба јасно се гледа дека во ниту една од наведените области (па ни во областа на безбедноста) не може да се вклучи прашањето за промена на името на Република Македонија. Исто така може да се види дека определувањето на областите во кои Владата може да склучува меѓународни договори во наведената одредба завршува со областа на одбраната и безбедноста и може да се види дека оваа одредба не е отворена за други области што Владата сама би си ги зела во надлежност за склучување меѓународни договори, а ни областите наведени во оваа одредба, а задржани само во надлежност на Претседателот не ѝ даваат на Владата овластување да склучува меѓународни договори, по свое слободно наоѓање.

Бидејќи во Законот за склучување меѓународни договори не е определено Владата да може да склучува договори во врска со државните атрибути меѓу кои е името на државата, очигледно е дека Владата, или поточно Димитров, немал законско право да го потпише преспанскиот договор.

Впрочем, како би можело и да се помисли во закон или на друг начин да им се даде овластување на Владата или на кој било друг субјект да склучи договор за промена на државното име?
Името на државата, идентитетот, јазикот… не можат да бидат предмет на меѓународен договор и Уставот на Република Македонија не ѝ дава такво овластување на Владата.
Па, така, без уставно овластување, без уставна основа и без основа во меѓународното право, Владата на Република Македонија, во име на Република Македонија, преку неовластено лице, Никола Димитров, немала право да склучи договор со Република Грција и овој договор де факто и де јуре е ништовен, односно од него не може да произлезе никакво право, ниту обврска!

Јасно ли ви е сега од каде потекнува нервозата на Димитров? Ви се разјасни ли кој лаже?

Ете затоа ќе одговара!

#ЧеСиЛежите

Автор: Роберт Милески

Сподели