декември 8, 2022

Ф2Н2: Пранкот за Заев со Грета е мешање на Кремљ во изборите

Видеото со аудио-разговор меѓу Зоран Заев и лажна Грета Тунберг и нејзиниот татко, кој беше направен од страна на руските пранкстери Владимир Кузнецов (Вован) и Алексеј Стојларов (Лексус) претставува мешање на Кремљ во парламентарните избори 2020 кои треба да се случат оваа среда на 15 јули, пишува Ф2Н2, независен граѓански проект за борба против лажни вести и дезинформации.

„Пранкот беше објавен на 8 јули каде претставува обид за оцрнување, и е планиран и подготвен за да се предизвика штета (иако е направен да изгледа како да е без лоша намера). Во современиот контекст пранкувањето е најчесто јавно, со цел да се наруши репутацијата на личноста која е предмет на пранкот, таа да се претстави како лесно заводлива, или барем не попаметна од пранкстерите кои ја надитруваат (секако дека неуспешните обиди не се објавуваат). Сепак, ова не е шега, и не е воопшто смешно. Напротив, штетно е, и е подготвена стапица, со цел некој да се надитри, да се исмее, без разлика дали е во пријателски или непријателски дух. Во секој случај, намерата е да се оцрни личноста, а тоа не може да се нарече шегување“, стои во анализата на Ф2Н2.

За пранкот, уште во 2019 година кога телефонскиот разговор се случи, советникот на премиерот, Марјан Забрчанец, изјави дека пресретнале хибриден напад врз премиерот, во кој бил злоупотребен идентитетот на Грета Тунберг.

Сега, на еден ден по неговото објавување во јавноста, Заев изјави дека знаеле дека телефонскиот повик бил од лажна Грета, и декa сето она што го зборувал било во согласност со стратешките интереси на државата. Тој исто така изјави дека контактирале и со родителите на Грета, кои имаа официјална реакција на божемниот разговор.

„Најважен дел од разговорот е помеѓу 3:19-3:47, каде „таткото на Грета“ му вели на Заев „вие исто така треба да се борите, знам дека имате многу тешкотии и дека ќе имате избори на пролет, и ние може да ви помогнеме со ПР… ќе ви помогнеме и ќе направиме добра реклама пред народот пред изборите“. Овој дел јасно покажува зла намера телефонскиот разговор да се искористи за изборни цели, во овој случај предвремените парламентарни избори во Република Македонија, и тоа е тоа што го прави овој разговор релеватнтен во сегашниот контекст. Очигледно, како што планирале, тие ја оствариле својата намера и го објавија целосниот разговор на само неколку дена пред изборите, и покрај тоа што истиот бил реализиран есента 2019“, пишува Ф2Н2.

Наспроти огромната поддршка од граѓаните за пристапувањето на државата кон НАТО и ЕУ, како што пишува Ф2Н2, Русија силно се спротивставуваше на овие напори, вклучувајќи го и историскиот договор меѓу Грција и Република Македонија за решавање на деценискиот спор за името „Македонија“.

Телефонскиот разговор со лажната еко-активистка Грета, беше објавен на фејсбук-профилот на Владимир Кузнецов (Вован) на 8 јули во 20:36 часот, додека прв кој го објави на македонските социјални мрежи беше Миленко Неделковски, во 20:40 часот.

„Миленко Неделковски е про-руски националист, кој во текот на овие избори редовно користи говор на омраза насочен кон про-западни жени политичари. Од кај него, постот беше преземен од фејсбук-страницата MAJTAP, која има повеќе од 30.000 следбеници и 101.000 интеракции само во претходната недела. Интересно е тоа што оваа анонимна фејсбук-страница е администрирана од 21 лице“, се наведува во анализата.

Првиот портал кој ја објави „веста“ беше Република, која е во унгарска сопственост, пишува Ф2Н2. За насловот на тој текст, анализираат дека е манипулативен: „Го напаѓа Макрон, затвора аеродром, ќе населува мигранти: Објавен разговорот на Заев со лажната Грета”. Малку подоцна, истиот портал објави уште една статија со наслов: „Заев: Макрон е ужасен човек“, и трета, „Дури и го сменив името на државата, се фали Заев пред Грета“.

„Ова е нивна вообичаена шема на хиперпродукција на статии поврзани со еден единствен настан. Не е првпат портали кои имаат некаква поврзаност со Унгарија да шират дезинформации и манипулативни наративи, со што креираат страв и недоверба во демократските институции и процеси во Република Македонија. Фејсбук може да се искористи како особено влијателен дезинформациски форум. Фејсбук е најпопуларна социјална мрежа во Република Македонија, со 1,1 милион корисници, а некои од најпопуларните фејсбук-страници во Република Македонија се: Onion.mk, I ♥ MACEDONIA, Smeenje do solzi, и Republika Makedonija. Скоро истите овие канали беа искористени за промовирање на телефонскиот пранк. Со ваква развиена онлајн инфраструктура, многу е лесно да се шират дезинформации и да се влијае врз мислењето на луѓето“, пишува Ф2Н2.

Сподели