ноември 28, 2022

На раб на амбисот

Со оваа капитулација Заев и Димитров ја доведоа Република Македонија во потчинета положба спрема други држави и за тоа мора да бидат изведени пред лицето на правдата, доколку сакаме Македонија да биде правна држава. Ова судење мора да се случи и заради историскиот контекст, преку кое Македонците ќе го прочистат овој срамен дел од нашата историја. Само на тој начин ќе го обелиме образот пред сите оние кои го дадоа својот живот за Македонија, како и за идните поколенија.

Сподели
 
 
 
   
Роберт Милески

Во предвечерието на изборите 2016-та, гледајќи како Зоран Заев во кампањата почнува да скршнува од сите претходно дадени ветувања, единствено посакав резултатот да биде изедначен, за кој и да формира Влада да не може никако да стигне до ⅔ мнозинство, оти знаев во тој случај на каде ќе се одвива работата. Бидејќи сум безнадежен легалист, надежта ми лежеше само во силата на Уставот, дека нема да можат да го остварат кобниот план кој ни се беше спремал. Во ниту една комбинација во моите мисли не можев да поверувам дека правната држава ќе ја стават ад акта и по секоја цена ќе го спроведат кобниот план за убиство на Македонија и Македонците.

Но, се случи тоа што се случи, и Заев стана мандатар, секако помогнат од партијата ДУИ, теледиригирана од други височини, која, покрај СДС, ја сметам за најголем душман на Македонците. Се сеќавам на неговата прес-конференција два дена пред да формира Влада, на која излезе заедно со Оливер Спасовски и пред целата македонска јавност, зборувајќи во врска со тиранската платформа, прочита извештај од самата правна комисија на СДС, јасно порачувајќи – Македонците да не се грижат, комисијата оценила дека преку закон со просто мнозинство е неуставно да се менуваат во двојазични униформите на службените лица, полицијата, армијата, банкнотите, судските процеси, бидејќи сите овие делови се во закони кои се носат со двотретинско мнозинство.

Но, што се случи? На законот илегално му ставија европско знаменце и во скратена постапка истиот го изгласаа. После првото вето од страна на Претседателот Иванов, на најдрзок, криминален и насилничко-бандитски начин ги отфрлија сите амандмани на опозицијата и го изгласаа повторно. Непотпишувањето на законот од страна на Претседателот (таканаречено тивко вето) повторно го „надминаа“ на криминален начин, ставајќи два потписи од страна на претседателот на Собранието Таљат Џафери, и така објавувајќи го во службен весник, со што е повторно направено тешко кривично дело од страна на директорот на Службен весник. Уставниот суд го ставија под нивна контрола и го замолчија, убивајќи ја на тој начин една од најважните институции во демократските држави, чуварот на Уставот.

Но, Заев не запре тука со неговите лаги и лажни ветувања, врз кои ја доби можноста да формира Влада. Од денешна гледна точка, на секој здраворазумен човек му е јасно дека случувањата на 27 април беа една типична удбашка местенка на тајните служби со која се отвори патот за уцена и поткуп на пратениците. Во Заевата антимакедонска шема главната улога ја зазеде Никола Димитров. Тој, противзаконски, иако немаше дозвола од Претседателот на државата, кој според Уставот на РМ е единствениот што ја води надворешната политика во овој дел, продолжи да преговара и договара еден од најантимакедонските договори, јас го нарекувам капитулација, Преспанскиот. Ставајќи потпис на тој договор, Димитров направи тешко кривично дело, бидејќи како министер за надворешни работи тој нема право да потпишува договори во име на Република Македонија, освен во тесен број случаи определени со закон, во кои овој договор не спаѓа. Но, тоа можеби е и добро, оти самиот негов потпис преспанскиот договор го прави ништовен и неупотреблив, а Димитров еден ден ќе мора да одговара пред независните македонски судови за ова негово безвременско недело.

Со оваа капитулација Заев и Димитров ја доведоа Република Македонија во потчинета положба спрема други држави и за тоа мора да бидат изведени пред лицето на правдата, доколку сакаме Македонија да биде правна држава. Ова судење мора да се случи и заради историскиот контекст, преку кое Македонците ќе го прочистат овој срамен дел од нашата историја. Само на тој начин ќе го обелиме образот пред сите оние кои го дадоа својот живот за Македонија, како и за идните поколенија.

Штетноста на преспанската капитулација сум ја експлицирал многупати, но тука морам накратко да спомнам неколку поенти. Според мене промената на името е можеби најмалиот проблем од овој документ. Размислете ја уште еднаш оваа реченица! Знам дека звучи неверојатно, и јас самиот не можам да си поверувам дека на политичката сцена дојдоа такви штеточини, што дури и некогаш незамисливата промена на уставното име ќе изгледа како помал проблем. Имено, со таа капитулација, Заев и Димитров се дрзнаа да го пресечат историскиот континуитет на македонскиот народ. Од народ со корен, нѐ претворија во аморфна маса, измислена во 1945-тата според грчкото министерство за надворешни работи, со право на историја само на територијата на денешната држава. А знаете што е дрво без корен? Тоа се нарекува трупец! Со тоа, одродите успеаја да ја изменат целокупната македонска историја, отворајќи ја со тоа опасната балканска пандорина кутија. Успеаја со еден потпис македонското малцинство во соседните држави да го претворат во дијаспора, небаре Македонците се преселиле таму од денешна Република Македонија, а не дека таму биле векови наназад како автохтоно население. Која дрскост! Ми се гади кога ги слушам по дебати како ламентирааат дека тие се бореле замислете „за македонската кауза“.

Не! Вие сте велепредавници на својот народ! Ништо повеќе! И како такви ќе бидете запишани и запаметени во аналите на македонската темна историја. Има еден виц кој се раскажува помеѓу народот: да им дадеа на Грците празен лист хартија, од срам да не претераат, немаше да напишат толку лош договор каков што склучи СДС.

Криминалното и противуставно дејание за жал не запира тука. Се случува референдум, кој беше бојкотиран од мнозинството на македонскиот народ. Но тоа за нив не значеше ништо. Си продолжија по зацртаниот план, одејќи спротивно на волјата на народот и на сите позитивни уставни и законски акти, насилнички влегувајќи во промена на македонскиот Устав. На целата јавност и е веќе познато како се настапи за да се придобијат пратеници за ⅔ мнозинство. Да го цитирам “големиот Европјанин“ Јоханес Хан – „ако треба, употребете и балкански методи“. Но, овие недела, како што веќе споменав, ќе мора да бидат расчистени низ судска постапка.

За тоа што правела тајната полиција дознаваме деновиве. Таа била целосно ставена под палката на власта, за да тера оперативна акција наречена „АТЛАНТИК“ против сите нас кои бевме за бојкот на референдумот. Нѐ воделе како осомничени терористи! Замислете која дрскост! Користењето на легален механизам за бојкот, кој инаку го научивме токму од СДС и нивното бојкотирање на референдумот за територијална поделба во 2004-тата, за нив претставува тероризам!

Се сеќавам  на лагите кои СДС ги кажуваше за време на референдумот, како онаа кога играа со чувствата на болните лица, дека македонските граѓани ќе добијат бесплатно здравство во државите членки на ЕУ. Но тоа не е ништо кога се работи за лажов од калибарот на Заев. Се сеќавате како тој ја изманипулира снимката во врска со убиството на Мартин Нешковски, за јавноста да добие впечаток дека Груевски е инволвиран во затскривањето на убиството, иако подоцна го слушнавме целиот разговор од кој јасно се слуша дека Груевски не бил замешан во овој случај. Заев тогаш свесно и искалкулирано го запали народот, за на 5 мај да се случат големи протести со огромен број на повредени полицајци, воопшто незагрижен дали ќе има жртви на некоја страна. Го стави народот во оган без око да му трепне само за да го оствари својот план да дојде на власт по секоја цена! И за ова мора да одговара пред судските органи! Да не зборувам за неговиот јавен повик за поткуп на гласачи за време на референдумот, кога ги повика работодавците „да го отвореле ќесето“ и да ги потплатат луѓето да излезат да гласаат. Обидот за поткуп е инаку казниво дело според кривичниот законик со минимална казна затвор од 5 години!

И тука некаде доаѓаме до нивните криминални шеми во аферата „Рекет“. Како држава се доведовме во ситуација специјалниот обвинител да заглави во затвор, а целата „елита“ на СДС да биде под влијание на некрунисаниот крал во ликот на Боки-13. Каков срам за македонската држава! Но морам да бидам искрен дека овој случај воопшто не ме изненади, тргнувајќи од фактот дека СДС-елитата себеси се сметаат за македонски надбогови, кои можат да го месат и моделираат македонскиот народ и држава небаре се сдс-тесто. Тие можат кога сакаат да ја запрат правната држава, да менуваат дури и кривичен законик за да и удоволат на пратеничка да ги поддржи во нивните луди планови, само ако го спасат нејзиниот син од кривичен прогон. Тоа сѐ произглегува од нивната убеденост дека никој не може да ги казни за нивните недела, оти како може да се казни некој што е омнипотентен, сдс-надбог, нели.

И токму тука сакам да го заклучам овој текст. На 15 јули македонскиот народ повторно ја има судбината во свои раце. Очигледно е дека Македонците и државата се наоѓаат на работ на амбисот. Но вие ја имате моќта да ја спасите Македонија! Јас нема да ве повикувам за кого да гласате, оти секој од нас го носи товарот од сопствената одлука, но затоа можам да кажам дека јас со гордост и чиста свест и совест ќе гласам против СДС! Таа анационална и антимакедонска партија мора да замине во темната македонска историја и никогаш повеќе да не се создаде шанса да завладеат со македонската држава! Не смее да дозволиме лагите на СДС да бидат наградени! Напротив, тие мора да бидат казнети и политички и кривично за сите гореспоменати недела! Доколку тоа не го сториме, мислам дека не заслужуваме ништо подобро од еден Боро Марлборо или муртинскиот лажов!

Се гледаме на 15 јули пред гласачките кутии. Размислете добро за кого ќе заокружите. Не верувјате во лагите кои ги пласира СДС за некаква светла иднина. Тие не се способни ниту да заменат расипана сијалица, а не да ни донесат светла иднина. Светлата иднина мора да ја изградиме ние самите потпирајќи се на сопствените сили! Но мора од некаде да почнеме, а одличен пример ќе покажеме преку казнување наместо наградување на лагите и судско процесуирање на сите коие се дрзнале да ја уништат македонската држава.

Автор: Роберт Милески

Сподели