декември 8, 2022

Правото на глас е право на одлучување

На 15 јули во Македонија ќе се одржат парламентарни избори. Правото на непосредно, слободно и тајно гласање е најзначајната демократска придобивка за едно општество. Единствено на демократски начин избраниот политички претставник има право да ги застапува интересите на гласачите. Во едно демократско општество секој е должен да ги почитува разликите во ставовите и конфликтите да ги решава со ненасилни средства кои се придобивка на демократијата. Во дел од земјите членки на Европската Унија јавноста неколку години бара долната граница на стекнување на правото на глас на едно лице да се помести од сегашната со наполнети 18 години на наполнети 16 години.

Стекнувањето со право на глас има своја историска заднина. Пред повеќе од сто години мажите во вистинска смисла на зборот се здобија со право на глас. Се разбира, границата на возраста била варијабилна во секоја земја и повисока од денешната. Најголемиот дел од владите во земјите во светот, тогаш на мажите со наполнети 24 години им го дадоа правото на глас. Со текот на времето оваа граница полека се поместуваше и падна на сегашните наполнети 18 години, а неколку години по мажите, значи во дваесеттите години од минатиот век најголемиот дел од државите со подолга демократска традиција од нашата им дадоа на жените право на глас. Правото на непосредно, слободно и тајно гласање е најзначајната демократска придобивка за едно општество.
Тоа значи дека оттогаш е напуштена практиката царот или кралот по своја волја да абдицира и ја предаде власта на наследник од семејството (на својот син или на својата ќерка). Таквите постапки се одлика на недемократското апсолутистичко монархиско уредување. За жал во некои земји во светот се` уште постојат еднопартиски системи на политичко уредување. Диктаторите во овие земји сакаат неограничено и недемократски да владеат преку централизираниот еднопартиски систем на уредување во кој полицијата го апси секој што мисли поинаку од диктаторот. Ова е неприфатливо за современите тенденции зашто единствено гласачите имаат право да одлучат кој ќе владее.

Демократи на местото на апсолутистите

За да го објаснам посликовито поимот „апсолутист” ќе земам еден секојдневен пример: Замислете дека сте сместени во еден интернат или студентски дом. Во секоја заедница постои некој што е физички посилен од останатите. Тој во одредени ситуации навистина би можел да ве заштити, но замислете што ќе ви се случи кога во одредена ситуација не би постапиле како што тој сака, односно како што тој побарал од вас. На пример, вие уживате во играњето пинг-понг, а тој бара од вас веднаш да престанете со играње и да му отстапите место само затоа што нему во моментот му се присакало да игра пинг-понг.
Свесни сте дека сами не можете да му се спротивставите, но замислете дека имате уште двајца истомисленици што се подготвени да ви помогнат во намерата. Тоа значи дека насилникот повеќе нема да може да се однесува апсолутистички, односно како што сака, а уште помалку ќе може да прави што сака. Оттогаш секој ќе може да планира кога масата за пинг-понг ќе биде слободна за да може да игра.
Примерот со друштвените игри е одличен пример за сликовито прикажување на начинот на кој треба да функционира современото демократско општество. Во едно демократско општество секој е должен да ги почитува разликите во ставовите и конфликтите да ги решава со ненасилни средства кои се придобивка на демократијата. Значи во случајот со масата за пинг-понг одговорниот треба да направи распоред на слободни термини и на заинтересирани што сакаат да играат пинг-понг.
Добар претседател или премиер не е тој што насилно успева да ги реши проблемите, туку тој што го застапува интересот на гласачите. Тоа е најважната тајна на демократијата: гласачите го избираат својот водач на таен, демократски и непосреден начин, а не со помош на оружје и насилство. Единствено избраниот на демократски начин има право да ги застапува интересите на гласачите.
Неуспешниот референдум за промена на името на Република Македонија одржан минатата година е најдобриот доказ за непочитувањето на волјата на гласачите.

Политичко образование во училиштата

Во Македонија правото на глас се стекнува со наполнети 18 години. На парламентарните избори твојот глас е дел од заедничкото одлучување на гласачите, односно претставува одлука за тоа кој односно која политичка партија ќе ги застапува твоите политички ставови во парламентот.
Во земјите членки на Европската Унија јавноста изминативе неколку години дебатира за тоа дали лицата што наполниле 16 години треба да се стекнат со право на глас. Владата на Австрија е една од тие што е подготвена да направи храбар чекор и Австрија да стане првата демократска земја во светот што ќе им дозволи на 16-годишниците да се стекнат со право на глас.
Практикување на демократијата во училишните клупи претставува појдовна основа за разбирање на демократијата. Така на пример, заедничкото донесување на одлуки во класот на најразлични теми од типот дали смееме да произведуваме генетски мутирана храна, дали на нашиот главен град му е потребен трамвај или можеби подземна железница, дали е потребно да им се даде азил на лицата што бараат заштита во нашата земја.

Француската буржоаска револуција го поттикнува стекнувањето право на глас

Уште во античка Грција и антички Рим се одржувале избори, затоа што и античките народи биле свесни дека целта не се постигнува единствено „со оган и со меч”, иако во основа право на глас имале само угледните и богатите мажи што биле граѓани на Атина. Сиромашните немале право на глас.
Постоењето на ограничено право на глас продолжило да се практикува и во средниот век во кој право на глас имале само благородниците, па власта најчесто се предавала од татко на син.
Од 1059 година кардиналите го избираат духовниот поглавар на католичката црква, папата. Од 1356 година кнезовите со право на глас смееле да го избираат царот, но народот се` уште не се здобил со правото на глас.
Исклучок била Англија: Во оваа островска земја уште од 1192 година лондончани го избирале својот градоначалник. Исклучок била Фиренца, најбогатиот италијански град во кој богатите трговци сами ја избирале својата влада. Во основа тие секогаш одлучувале својата доверба да му ја дадат на најбогатиот, па затоа речиси постојано со овој град владеело семејството Медичи.
Англија во секој случај била предвесникот на демократијата. Во оваа европска земја и денес владее кралското семејство, но оттогаш редовно се оддржувале парламентарни избори. Парламентот во средниот век во Англија бил составен од благородници, црковен клер и граѓани. И покрај тоа можеле да гласаат само побогатите. Така на пример, во 1832 година од 10 милиони Британци право на глас имале само 500 илјади мажи над 20 години, но во 1884 со право на глас се здобиле дури 5 милиони жители на оваа островска земја, затоа што секој што имал сопствен стан стекнувал право на глас.
Француската буржоаска револуција во 1789 година го поттикнала правото на глас во Европа. Французите се првите што му дале право на глас на секој даночен обврзник. По револуцијата во 1848 година сите мажи во оваа европска земја се стекнале со право на глас, а жените речиси сто години подоцна, дури во 1944 година.

Автот: Стефан Симовски

Сподели