ноември 28, 2022

20 % од германските компании стравуваат од пропаст

Најголем страв од затворање владее меѓу германските компании од секторот услуги, се вели во истражувањето на институтот ИФО.

Секоја петта германска компанија не ја исклучува можноста од пропаст поради последиците предизвикани од ударот на корона вирусот врз економијата, објавува институтот ИФО кој е со седиште во Минхен.

– Би можеле да се соочиме со бран инсолвентност во наредните месеци, предупредува истражувачот Стефан Сауер вработен во овој институт.

Според резултатите од една анкета, ИФО утврди дека најголем страв од затворање владее меѓу германските компании од секторот услуги, во кој 27 отсто од бизнисмените оценуваат дека нивното понатамошно работење е под знак прашалник.

Во секторот услугинајнесигурни во поглед на натамошното работење се туроператорите со 85 отсто, хотелите со 65 проценти и рестораните каде дури 67 отсто од сопствениците не ја исклучуваат можноста од затворање на бизнисот.

Меѓу другото повеќе од половина од бизнисмените во металната индустрија како неизвесно го оценуваат своето понатамошно опстанување на пазарот.

Во извештајот на ИФО се потенцира и дека голема неизвесност владее и во текстилниот сектор, каде 38 отсто од бизнисмените не ја исклучуваат можноста од пропаст на компанијата.

Помала несигурност владее во секторот трговија, додека стравот од затворање на бизнисот е најмал во градежниот сектор.

ИФО укажува и на високата неизвесност која владее во креативната и забавната индустрија, каде 55 отсто од компаниите како отворена ја оставаат можноста од затворање на компаниите поради корона кризата.

Сподели