декември 8, 2022

Лажги со опашки

Сигурно забележавте дека вооошто не ја третираме изборнава кампања. Ако ме запрашате зошто… затоа што учесниците во кампањата ја изгубија врската со реалноста. Најдобро ќе беше целава изборна кампања да помине во “предизборен молк”.

Сподели
 
 
 
   
Стефчо Негриески

36000 денари просечна плата, 20000 денари минимална плата, стотици километри нови автопати, брз воз низ цела Македонија, 2,5 милијарди евра европски пари, правна држава, премиер Албанец… и сè тоа во четири години?! Запрепастува леснотијата со која лажат нашиве политичари. Можеби некој до крајот на мандатов ќе и објави војна на САД, или Русија, во зависност од ориентацијата. За Кина сè уште е рано, признаваат сите!!!

Станува збор за политичка некултура. Состојбите во земјава се такви, бидејќи политиката го надвладеа правото и почна да ги прилагодува законите кон потребите на своето владеење. „Распашаната“ политика, во сиве 30 години од осамостојувањето на Македонија, со своето неодговорно однесување не само што го надвладеа правото, туку ја зароби и државата. Не постои воопшто систем на одговорност на политичарите ниту во раководењето со јавните финансии, а камо ли во предизборието. Па така, ако јас ве излажам за 200 евра, како “обичен” граѓанин кривично ќе одговарам. Ако политичар нè лаже за нашите животи, никому ништо. На следните избори пак ќе лаже, уште повеќе. За нашите пари не се ни зборува, па така ќе видиме државни или локални “проектчиња” како се промовираат со партиските амблеми на нив. Како избориве да се натпревар во лажење?! Хм…

Една од најголемите наши одговорности е да прифатиме сè што слушаме во провладините медиуми како лага и лично да ја испитаме вистината од независни извори!

Ете затоа Дијалектика не ја третира изборнава кампања. Не сакаме да станеме Агитпроп на партиите. Не сакаме да бидеме лажени. Ќе третираме важни теми за Македонија, но и ќе нудиме издржани решенија за проблемите, решенија како плод на анализи и логичко размислување.

А толку е едноставно да се средат работите во Македонија. За тоа не се потребни стотици страници партиски програми (читај лажги со опашки). Јас да се кандидирав на овие избори, ќе имав програма на 10 страници А5 формат. Мало ама вредно книжуле. Мојата програма ќе се фокусираше само на две точки:

  1. Воспоставување на правна држава
  2. Одговорно раководење со јавните финансии

Програмата би содржела анализа на проблемите, решенија и рокови за имплементација на овие точки. Толку. Ако го средиме ова, сме средиле сè.

П.С. Ќе ви кажам и за кого ќе гласам?! За оној што најмалку лаже во кампањава.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели