ноември 28, 2022

Јулската минимална плата повисока за 500 денари

Работниците од овој месец ќе имаат загарантирана минимална плата од 14.934 денари или околу 500 денари повеќе, а причината за тоа е што изминаа трите месеци кога таа беше замрзната.

Во април Владата со Уредба со законска сила поради корона-кризата ја замрзна минималната плата на ниво од околу 14.500 денари иако според параметрите кои ја одредуваат требаше да се доближи до 15.000 денари.

Сега, Министерството за труд и социјална политика во „Службен весник“ објави дека почнувајќи од овој месец минималната плата како бруто сума изнесува 21.776 денари, од што произлегува дека нејзината нето вредност е 14.934 денари, колку што според закон требаше да изнесува кога беше замрзната.

Според пресметките, од бруто платата од 21.776  денари 18,8 проценти или 4.094 денари се придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, а 7,5 проценти, односно 1.633 денари одат за задолжително здравствено осигурување. Уште 0,5 отсто или 109 денари се земаат за дополнителен придонес за задолжително осигурување во случај повреда и професионално заболување и 1,2 отсто или 261 денар се за  придонесот за задолжително осигурување во случај на невработеност, односно за придонесот за вработување .

Вкупно од бруто платата за придонеси се зафаќаат 28 проценти или 6.097 денари. Остануваат  15.679 денари, од кои кога ќе се пресмета данокот на личен доход од 10 проценти на намалена основица, остануваат 14.934 денари, кои легнуваат на сметката на вработениот.

Платата е зголемена согласно членот 4, став 2 од Законот за минимална плата, како резултат на растот на просечната плата, трошоците за живот и на бруто-домашниот производ во периодот кога беше замрзната, иако просечната плата во април согласно податоците на Државниот завод за статистика, претрпе намалување од 3,4 % во однос на просекот од првиот квартал годинава.

Сподели