декември 2, 2022

Тој што подобро се снаоѓа на телевизија полесно победува на избори

Стефан Симовски - 4

Начинот на информирање на медиумите има пресудно влијание на ставот на читателот, слушателот или гледачот. Постојат полезни примери за моќта на медиумите во креирањето на јавното мислење. Медиумите се моќни. Можат да изградат култ, но и да уништат некоја личност. Се разбира објективно јавно мислење можат да создаваат само непристрасни новинари.

За жал, постојат важни агенциски вести што наидуваат на мал медиумски интерес и биле објавени само од еден единствен медиум. По некое непишано правило медиумот што ја објавил ваквата вест најчесто е печатен. Но, следува ново поинтригантно прашање: Зошто ни служат медиумите? Во основа под поимот “медиум” подразбираме пренесувач на мислења, информации и забава, а тоа се таканаречени “мас-медиуми”: печатените медиуми, радијата, телевизиите и интернет порталите.

Македонија има третман на држава со слобода на информирање

Медиумите имаат големо влијание за заземање соодветен став по одредено прашање. Тоа значи дека медиумите се моќни. Тие можат да изградат култ, но и да уништат некоја личност. Вестите и информациите што не ги емитуваат, по правило никој не ги знае.
Македонија има третман на држава во која владее слобода на медиумите (иако на ранг-листата за слобода на медиуми не котира високо). Тоа значи ако некој медиум сака да премолчи одредена вест, се разбира секому му е позната причината за таквата неодговорна постапка, друг медиум може да ја објави независно од него. Или поинаку кажано: Додека еден медиум тенеденциозно настојува да дискредитира некоја јавна личност, друг медиум има право, независно од него да ги оправдува нејзините постапки. Во таквата ситуација се прашуваме: Кој е во право? Дали медиумот што го куди или што го фали функционерот, пејачот, писателот, актерот, спортистот….? На тој начин секој од нас има можност откако ќе ја прочита статијата да заземе став, односно да даде соодветна проценка за тоа кој е во право.
Американскиот режисер Орсон Велс прв ја откри моќта на медиумите. На 30 октомври 1938 година преку етерот ја емитуваше радио-драмата „Војна на световите“ во која вонземјани, Марсовци, вршат инвазија на Земјата. Додека се емитуваше радио-драмата завладеа паника меѓу населението на Источниот брег на САД. Медиумите имаат големо влијание. Новинарите понекогаш емитуваат вести и информации со кои несвесно стануваат соучесници во збиднувањата. На пример: Катастрофата на американското вселенско летало „Челинџер“ што се случи на 28 јануари 1986 година. Полетувањето на леталото беше одложувано во повеќе наврати поради откриени дефекти од страна на контролорите, а известувачите од лице место на американските медиуми секое следно одложување на полетувањето зајадливо го коментираа со зборовите: „Полетувањето повторно е одложено. Виновна е контролата на летање. Не очекуваме ни утре да полета.“ Контролорите сфатија дека се под голем притисок на јавноста, па паднаа на испитот на зрелост и утредента му дозволија на леталото да полета. Последиците од нивната одлука беа катастрофални: 73 секунди по полетувањето леталото експлодира во воздух и седуммината астронаути го загубија животот. Известувачите веднаш ја објавија ексклузивната вест за несреќата што сами ја предизвикаа.

Не треба да веруваме во сè што гледаме на малите екрани

Американците во просек поминуваат пет часа дневно гледајќи телевизија, а Европејците во просек три часа дневно седат пред телевизорот. Тоа значи дека телевизијата е моќен електронски медиум и може да влијае на креирањето на јавното мислење. Првите снимки од американската интервенција во Ирак што преку електронските медиуми го обиколија светот на прв поглед изгледаа убаво: можеше да се забележи прецизно упатување проектили од воздух што завршуваат во една голема зграда и издигнување на светол облак од прав. Експлозија и татнење немаше, зашто снимките беа снимени од голема височина. Тие што ја сметаа американската воена интервенција во Ирак за оправдана Садам Хусеин го сметаа за озлогласен диктатор одговорен за избувнување на две војни на Средниот Исток, па затоа прикажаните слики ги смирија: очигледно Американската армија бомбардираше воени објекти касарни, магацини со оружје, воени утврдувања, барем така тврдеа офицерите.
Но снимките снимени одблизу покажаа нешто друго: разрушени станбени згради, оштетени куќи, цивилни жртви. Се разбира Владата на САД на медиумите што ги контролираше не сакаше да биде емитувано сивилото на воениот судир. Впрочем, таа имаше горко искуство од воената интервенција во Виетнам, кога пацифистите успеаја да креираат јавно мислење против бесмислената американска воена кампања во оваа азиска земја и да го кренат американскиот народ на масовни протести.

Како да дојдеме до точна информација преку интернет?

Интернетот е незаменлив во нашето секојдневие. Училиштата, големите компании, универзитетите, но и поголем дел од домаќинствата во нашата земја имаат интернет приклучок. Затоа мора да знаеме безбедно да се движиме низ мрежата и да успеваме брзо и лесно да дојдеме до бараните информации.
Речиси не постои тема на која сакаме да дискутираме, а за која не можеме да најдеме најмалку една полезна информација со помош на интернетското пребарување. Во основа, сите што знаат правилно да го ползуваат интернетот се чекор понапред од останатите, зашто овој глобален медиум во голема мера ја олеснува и забрзува работата.
Навидум сè изгледа едноставно и прекрасно. Но купиштата информации што ги има на интернет за одредена тема и покрај тоа што во прв момент фасцинираат, истовремено создаваат и недоумица. Во тој миг повторно се соочуваме со проблемот од недостиг на време, едноставно не успеваме да стигнеме да ги прегледаме сите линкови. Често се случува одделни извори на информации да се побиваат меѓусебе. Тогаш кому да му веруваме? Колку повеќе (пред)знаења имаме за одредена област, толку полесно ќе дојдеме до точната информација, односно многу полесно ќе ја препознаеме лагата. Објективно постои ризик, ако се потпреме единствено на информациите што ги примаме единствено од интернет.

Сликата заменува илјада зборови

Подвижните слики што го покажуваат страдањето на еден човек се посилни од зборовите. Тие навлегуваат во нашата свест многу подлабоко од зборовите зашто зборовите што ги читаме прво треба да ги разбереме, па потоа да успееме да создадеме соодветна претстава. Но сликата на еден татко што го изнесува од бојното поле своето рането или мртво детенце на раце е многу посилна од опишувањето на оваа морничава сцена. Телевизијата има моќ да ни долови цел настан, како на пример уривање на куќа, расплакано лице на мајка, плач на дете, небаре сме очевидци. Ние во тој миг не забележуваме оти меѓу нас и настанот посредува „медиум“ и спонтано го примаме неговото дејство.
Луѓето имаат моќ инстинктивно да реагираат на оптичките сигнали. Голото тело го поттикнува нашиот сексуален нагон, плачот на детето нашиот заштитнички инстинкт, односно преку визуелизацијата чувствуваме. Оттука врзувањето на очите на човекот што треба да биде стрелан не служи за жртвата да не гледа во впереното оружје, туку на трагичен начин му помага на стрелецот. Според психолозите психички здрава личност не е во состојба да убие беспомошно лице што ја гледа во очи.
Но медиумот може свесно да ги манипулира гледачите, како во случајот со американската воена интервенција во Ирак. Во областа Газа секогаш се појавуваат Палестинци кои протестираат штом се појави камерманот со камерата. Тоа значи дека и најмалите демонстрации би можеле да ви изгледаат небаре се добро организиран протест. Потребно е само камерата да биде поставена доволно близу и да ви покаже различни лица.
Телевизијата може ефикасно да манипулира со гледачот зашто многу лесно успева да го увери гледачот во тоа што тој го гледа со „свои очи“.
Во 1960 година во САД се одржува предизборен телевизиски дуел за претседател помеѓу претседателските кандидати Џон Ф. Кенеди и Ричард Никсон. Телевизискиот дуел го гледаа милиони граѓани на САД што имаа право на глас на претседателските избори. Тие со свои очи можеа да видат како претседателскиот кандидат Ричард Никсон за време на дуелот постојано се поти. Гласачите по потењето сфаќаат дека Никсон е под голем стрес, а тоа значи дека е недораснат како иден претседател да се соочи со јавното мислење. Никсон тогаш губи на изборите, иако по осум години е избран за претседател.
Оттогаш односот на телевизиските дуели станува најважен елемент за градење политичка кариера. Тој што е подобар на телевизија во очите на гледачот изгледа самоуверен и сигурен во своите политички ставови.
Најголемиот проблем на современото општество е што демократијата се претвора во „телекратија“ (демократија што доминира преку телевизијата). „Сликата“ почнува да го диктира креирањето на јавното мислење.
Во 60-тите години од 20 век во Европа почнува созревање на свеста и спротивставување на практиката медиумите да го емитуваат само тоа што го сака Владата, иако директорите на државните телевизии уште ги именуваат политичарите, во демократските општества во зависност од волјата на владеачкото мнозинство. Европската комисија од тие причини донесе строга законска регулатива во која секоја земја-членка на ЕУ мора да дава национални концесии и на приватни електронски медиуми. Истовремено новите технички можности овозможуваат емитување на телевизиски сигнал преку сателит, така што секој од нас може да бира помеѓу повеќе стотици канали.
Македонската радио-телевизија е под закрила на државата и има право да се финансира од буџетот. Таа донекаде е привилегирана во однос на останатите медиуми зашто го има ексклузивното право да емитува првостепени политички информации, но и да придонесува за развојот и афирмацијата на македонската култура.
Тоа на што Советот за радиодифузија уште треба да работи е да постави критериум дали МРТ ги исполнила овие задачи, но и останатите медиуми што имаат национална концесија.

Автор: Стефан Симовски

Сподели