ноември 28, 2022

Во Охрид се уриваше нелегално изграден хотел

Со градежна механизација и десеттина работници, денеска почна со уривање на хотел на самиот брег на Охридското крајбрежје.Се отстрануваше кровната конструкција и вториот кат од хотелот. Ова е дел од акцијата која општината Охрид, пред повеќе од две недели ја започна за отстранување на бесправно изградени објекти и урбана опрема на самиот езерски брег. Сопствениците кои не сакаа да зборуваат пред камера, само кратко рекоа дека станува збор за селективност во акцијата. Охридскиот градоначалник уверува дека ќе се постапува по сите решенија за отстранување.

„Меѓутоа со оглед дека сега расчистуваме објекти кои се во крајбрежјето, покрај тие објекти кои беа од урбана опрема, сега одиме и со поголеми објекти, затоа што имаме дополнителни средства за отстранување. Се што е со решение за отстранување, ќе се отстрани“, рече Константин Ѓеорѓиески-градоначалник на Охрид.

Четири тима инспектори од државниот градежен инспекторат од минатата недела вршат контрола на објекти на целото крајбрежје, сместени на 50 метри од брегот на езерото, кои биле легализирани, согласно законот за легализација.

„Сите тие ги контролираме, затоа што имаме случаи, еден објект од 50метри квадрати е легализиран, но вршени се доградби на уште 200 метри квадратни. Сѐ што е нелегално доградувано, ќе биде отстрането“, додава Ѓеорѓиевски.

Но, во Струга ситуација сѐ уште е иста. Таму не е отстрането ништо. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески го повика Мерко да почне да го применува законот и на струшката страна од езерото.

„Законите во државата треба да важат и за општина Охрид и за Струга и за сите градови. Но, она што ние сме го зборувале, дека Охрид постапува, а ние тоа сме го побарале и од општина Струга и тоа мора да се случи во овој период“, рече Сугарески.

Сугарески вели дека останува на ставот оти со плажите и во Охрид и во Струга треба да стопанисува државата, а не општините.

Сподели