ноември 28, 2022

ХДЗ во убедливо водство, поддржувачите на опозицијата бараат оставка од лидерот на СДП

Од обработени над 63,5 отсто од гласачките места, Хрватската демократска заедница (ХДЗ) е во убедливо водство на парламентарните избори во Хрватска.

Според официјалните податоци од Државната изборна комисија врз основа на досега обработените податоци, ХДЗ има 68 места во Саборот, коалицијата Рестарт што ја предводи опозициската СДП 43, Демократски покрет на Мирослав Шкоро 15, Мост 8, „Можеме” 6, Странка со име и презиме- Паметно – Фокус 2 места и ХНС едно место.

За формирање влада, потребни се 76 пратенички места од вкупно 151 колку што има пратеници во хрватскиот парламент.

Во изборниот штаб на коалицијата Рестарт не се задоволни од резултатите, а на социјалните мрежи се бара оставка од лидерот на опозициската СДП која ја предводи оваа коалиција Давор Бернардиќ. Потпретседателот на партијата Рајко Остојиќ во изјава за медиумите рече дека за тоа ќе одлучи самиот Бернардиќ.

Како најголемо изнанадување на овие избори се смета резултатот на коалицијата „Можеме“, во која се собрани шест леви и зелени партии.

Првичните податоци покажуваат дека излезноста на изборите била 40 отсто, што се смета за рекордно ниска. Засега не се познати причините за тоа, иако експертите во анализите посочуваат дека тоа е резултат на иселувањето на младите и тоа што изборите се одржуваат среде епидемија.

Денешните избори во Хрватска треаше да се одржат во декември годинава, но беа поместени за неколку месеци порано, поради стравувањето дека од есен е можен нов бран на епидемијата со коронавирусот.

Сподели