декември 8, 2022

Работа од дома: Потреба или принуда?

Стефан Симовски - 5

За многу вработени во прв момент работата од дома, се разбира предизвикана од пандемијата, беше нешто неочекувано. Наеднаш, не по своја вина, речиси сите бевме принудени да работиме од дома надвор од своите работни простории. Треба да земеме предвид дека некои од нас во своите домови имаат пофлексибилни можности за работа, но други се соочуваат затечени и исправени пред предизвикот како да ја организираат својата работа. Работата од дома носи индиректни ризици, како на пример намалена мотивација. На потег се менаџерите зашто тие токму сега треба да ги разберат своите вработени и да ги покажат отворено разбирање за околностите во кои тие ги извршуваат своите работни задачи.

Како поуспешно да се приспособиме за работа од дома?

Сосема неподготвени за промена од ваков вид, како последица од пандемијата, во средината на месец март годинава речиси сите бевме принудени целосно да го смениме начинот на работа. Се разбира во случајов мора да го имаме предвид и тоа дека некои од нас во своите домови имаат пофлексибилни можности за работа, но други се соочуваат затечени и исправени пред предизвикот како да ја организираат својата работа.
Кога работиме од дома многу е потешко целосно да се придржуваме до паузите и до фиксното работно време. Но не секој што работи од дома има можност да биде пофлексибилен во своите работни обврски и задачи, иако во основа можеме да си помогнеме со истите помагала што ги ползуваме во канцеларија, како што се списоци со среднорочни и долгорочни задачи. Тоа значи да се идентификува и одреди временска рамка за реализација на поставените задачи. Постои и уште еден проблем: Многу е потешко додека работиме од дома да успееме да ја задржиме истата мотивација за работа како што ја имаме кога сме на работното место. За жал, не постои универзален рецепт за мотивација подеднаков за сите, но има неколку трикови што би можеле да ги пробаме. Наједноставен начин е да ги споделиме нашите цели и задачи со некого. Идеално би било да го направиме тоа со некој од колегите, но би можеле и со некој член на семејството. Ова може да ги направи нашите сопствени цели транспарентни и да создаде сопствен социјален притисок за да ги завршиме задачите навреме.
Треба да имаме предвид дека при работата од дома може да се соочиме со дополнителни тешкотии и се разбира домашни проблеми, а тоа несомнено влијае на концентрацијата и способноста за прецизно извршување на задачите. Затоа во ваков момент најдобро е да го исклучиме компјутерот и да се обидеме целосно да му се посветиме на домашниот проблем.

Дали е можна тимска работа додека работиме од дома?

Денеска во многу бранши со помош на информатичко комуникациската технологија постои можност за организација на тимска работа на поинакво ниво, но сепак слично како во канцеларија. Постои можност ова да се оствари преку соодветни визуелни програми за гледање и споделување. Тоа е исто како да гледаш над нечие рамо. За да одржиме преглед и да визуелизираме сè, постојат и начини за креирање дигитални мрежи во кои секој ќе има пристап.
Се разбира двонасочната комуникација и интеракцијата при работа од дома се разликува од таа на работното место. Социјалната комуникација очекувано е со паузи, за разлика од секојдневната работа, но факт е дека информации може да разменуваме на неконвенционален и некомплициран начин. Со цел да добиеме социјална интеракција при работата од дома потребни ни се подолги паузи со колегите за сметка на комуникација со членовите на семејството. Ако сакаме да направиме подолга пауза и се разбира ако постои можност за тоа добродојдени се заеднички прошетки на отворено.
Практиката покажува дека работата од дома се одвива во работно време вообичаено претпладне додека сите членови од семејството најчесто се дома, па понекогаш импровизацијата е единствената опција.

На што треба да обрне внимание секој од нас, но и работодавачот?

Работата од дома сама по себе не е вообичаена во секојдневната практика на извршување на работните задачи, па затоа претставува принуда која носи одредени ризици. Особено кога треба да се грижиме за децата во исто време. Во овој случај флексибилноста е најважна. Секој што работи од дома во вакви услови треба јавно д акаже дека е соочен со ваква ситуација и дека му се потребни многу подолги паузи од вообичаените.
Во услови на работа од дома најдобро е да се потрудиме мешањето на работата и семејството да не претставуваат проблем. Свесни сме дека додека работиме од дома делумно мораме да ја интегрираме и својата работа во нашиот приватен живот за да можеме поуспешно да се справиме со предизвикот. Останува да се надеваме дека ќе продолжиме да работиме од дома на краток рок, иако засега нема најава дека наскоро ќе се отворат градинките, ниту пак дека наставата од септември ќе почне да се одвива во училишните клупи. Очигледно со овој проблем ќе мора да се позанимава новото владеачко мнозинство по изборите.
Работата од дома носи индиректни ризици, како на пример намалена мотивација. На потег се менаџерите зашто тие токму сега треба да ги разберат своите вработени и да ги покажат отворено разбирање за околностите во кои ги извршуваат работните задачи.

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност

Сподели