декември 1, 2022

Како што коронавирусот се шири помеѓу народот, така вирусот на лажење се шири од кластерот наречен СДС

Една поговорка вели: една откриена лага е доволна за да фрли сомнеж врз секоја кажана вистина

Сподели
 
 
 
   
Роберт Милески

Една поговорка вели:

Една откриена лага е доволна за да фрли сомнеж врз секоја кажана вистина

Сите знаеме дека политичарите не секогаш ја говорат вистината, односно многу често го кажуваат токму она што луѓето сакаат да го слушнат. Таквите лаги за среќа се откриваат многу брзо, бидејќи луѓето го гледаат резултатот и политичарите биваат казнети, а во нормални држави најчесто лажовите веднаш завршуваат на буништето на историјата.

Проблемот е поголем кога лагите преминуваат во генерална политика на едно политичко здружување, а лагите почнуваат да се шират како вирус преку челниците на овие групации.

Нашиот народ за оние што многу лажат и се изгубени во просторот и времето знае да каже „не знае кај тера“. Таков е случајот со анационалната партија СДС. Ако поблиску ја анализираме нивната генерална политика, после доаѓањето на Зоран Заев на чело на оваа партија, можеби најголемиот лажов во историјата на македонскиот народ, ќе забележиме дека оваа политичка структура друго освен лаги воопшто не кажува. Сè им е базирано на лага!

Така, уште во предизборието во 2016-та година, сите важни политички точки се покажаа дека се лажни. Од јавното ветување дека нема да го променат Уставот на Република Македонија („го довеле Заев да го промени името, море бре..“), па сè до нивното ветување дека нема шанси тие да воведат двојазичност на територијата на државата („кај се видело тоа двојазичност во Прилеп, Каварадци, Струмица. Глупости..“).

Но доколку ова лажење беше изолирано и типично само за нивниот лидер, тогаш можеби и ќе најдеа внатрешна сила, лажовот политички да го елиминираат. Но за жал, очигледно е дека оваа навика сè почесто почнува да се прифаќа и практикува од сите челници на оваа партија.

Да ве потсетам на некои од нивните најголеми лаги. За време на кампањата за референдумот за промена на името, најголема помеѓу многуте лаги беше онаа дека со влез во ЕУ, граѓаните на Република Македонија ќе можат бесплатно да се лекуваат во ЕУ. Дрскоста одеше дотаму, што дури лагата ја објавија на голем билборд.

Посебно се смеам кога лик како Никола Димитров неколкупати во последните денови спрема неговите политички опоненти го употребува изразот „дрскост“ и како тие „дрско се однесувале спрема него“. Човек едноставно не може, а да не се насмее.

Лагите не запираат, бидејќи лажењето се претвори во основа на политиката на оваа лажна партија, која всушност не е партија, туку повеќе наликува на некаква компанија. Па од нивниот лидер од Муртино деновиве слушнавме како тој самиот ја финансирал целата оваа групација и ја чистел од претходните структури.

Во оваа предизборна кампања почесното место најголем лажов го заезеде потпретседателката Мила Царовска. Пред некој ден излезе во јавност со една од најголемите лаги. Имено, НАТО сојузот, наместо воен, го прикажа како трговски сојуз преку кој на Македонија и се отворил пазар од 4 милјарди евра (што и тоа да и значи!?). Едноставно лагите полека преминуваат во лудило и заматен ум! Како може да си дозволи луѓето на овој начин да ги прави будали, навистина не ми е јасно и за мене останува нерешена енигма.

Најново е ветувањето дека ќе изграделе 260 км автопат!

Јас лично не верувам дека Македонија воопшто располага со механизација во четири години да изгради толку километри автопат, но посебен е фактот ако се погледне што досега направија? Еве за пример да го земеме патот Кичево-Охрид, кој веќе беше започнат. Изградбата воопшто не е мрдната од место, за цело владеење не успеаја ниту да ја пуштат во употреба трасата Охрид-Дебрца, прав пат за кој немаше никакви проблеми. Наместо тоа, кога човек поминува по овој пат, обраснатите градби во околината на Кичево му заличуваат на некакви ископини, нешто налик на римски аквадукт.

За посебно опсервирање се луѓето што воопшто им веруваат во било кој нивен збор. Мене таквите посебно ме фасцинирааат. За жал ја немам потребната стручна подготовка да ја дефинирам нивната состојба на умот. Мислам дека професорот Чепреганов во неколку наврати го објасни овој феномен при неговите телевизиски интервјуа, иако за нас „обичните“, кои имаме барем трошка умствена моќ да логицираме, ваквото однесување е несфатливо и надвор од секој здрав разум.

Во сета оваа потреба да се лажат сопствените граѓани, лекот против лажење лежи токму кај нив. Во пенкалото кое на 15 јули ќе одлучи дали оваа лажна структура и понатаму ќе продолжи да владее или на истата ќе и се стави конечен крај, за да се најдат на буништето на историјата. Токму онаму каде што им е местото.

Сподели