мај 19, 2022

Летни дилеми

Годинава некој ќе летува на море, некој на езеро, а некој на планина?!

Сподели
 
 
 
   

Голем дел од земјите од регионот за да привлечат повеќе туристи значително ги намалија цените на сместувачките капацитети, но поради пандемијата со ковид-19 странските туристи сè помалку ги има. Затоа годинава земјите во регионот спасот на туристичката сезона го гледаат во поголемиот број домашни туристи. И Македонија годинава за спас на сезоната големи надежи полага на домашните туристи.

За таа цел Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ја воведе кампањата „Дома си е дома“, а државата за да му помогне на туристичкиот сектор и на граѓаните со пониски примања на над 100 илјади граѓани им додели ваучер за домашен туризам од 6.000 денари.

Овие ваучери македонските граѓани можат да ги искористат во сите категоризирани туристичко-угостителски објекти низ државата. Како што објасни министерот за економија, Крешник Бектеши, се работи за објекти за сместување вклучувајќи ги и приватните сместувачки капацитети кои имаат Решение за категоризација.

Оваа мерка ќе помогне за развој на целиот туризам во земјава преку посета на повеќе места во земјава кои досега не беа развиени и не беа познати. Граѓаните ваучерите за одмор во домашните туристички капацитети ќе можат да ги користат од 15 јули 2020 година до 15 декември 2020 година. Откако ќе бидат искористени ваучерите од страна на граѓаните, Министерството ќе врши исплата на давателите на туристички услуги врз основа на доставена месечна фактура и месечен извештај за искористените ваучери за туризам, изјави Бектеши и додаде дека на овој начин предвидени се над 10 милиони евра за поддршка на туризмот во државава.

И директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, очекува оваа година да има зголемен број на домашни туристи и туристи од регионот. Ова го базира на статистичките податоци, според кои 49 отсто од вкупниот број на туристи кои нè посетиле во 2019 година биле од регионот, а 32 отсто од вкупниот број туристи биле домашни туристи кој оствариле 1,6 милиони ноќевања.

-Доколку се подобри состојбата со коронавирусот, очекувам во 2020 година во Македонија да се остварат повеќе од 2 милиони ноќевања. Така што секое ново ноќевање од над два милиона ќе претставува спас за туризмот во нашата држава. Оваа 2020 година поради пандемијата туристичката сезона ќе биде многу лоша не само во Македонија туку и во целиот свет. Затоа апелирам до сите жители на нашата држава дека не треба да летуваат во Македонија затоа што мораат туку затоа што сакаат, изјави Јаневски.

И во регионот состојбата во туризмот не е розова. Во Црна Гора во мај имало 460 пати помалку странски туристи отколку во истиот месец лани. Во мај 2019 година, во колективно сместување во Црна Гора имало 111.000 странски туристи, додека годинава биле регистрирани само 241 странски турист во истиот месец.

Вкупниот пад на црногорскиот туризам е дури 98,7 проценти, бидејќи во мај во колективното сместување, хотели, мотели, одморалишта, кампови е забележано пристигнувањето на само 1.658 туристи, а во истиот месец лани имало 125.492, речиси 76 пати повеќе. Уште подрастичен пад е забележан кога станува збор за странските туристи, од кои во мај имало 241 во Црна Гора, додека во мај 2019 година имало дури 111.000. Драстично опадна и бројот на ноќевања, бидејќи од нив беа реализирани 5.622 во мај, додека во истиот период лани имало 411.359 ноќевања, покажуваат податоците на „Монстат“.

И во Хрватска, која значително ги намали цените на сместувачките капацитети за да привлече поголем број туристи, во првите шест месеци година имало 1,6 милиони туристи, кои остварија 7,6 милиони ноќевања, што е за околу 70 отсто помалку од истиот период лани.

Домашните туристи оствариле 31 процент од вкупните ноќевања во првата половина на оваа година, што е највисоко кај сите пазари и реткост во последните повеќе од десет години. Странските туристи учествуваа со 69 отсто од вкупниот број ноќевања, односно 26 отсто Словенци, потоа 25 отсто Германци и Австријци девет проценти, а туристи од БиХ и Чешка секој по седум проценти.

Според типовите на сместување, туристите најмногу ноќевале во трговско сместување, од кои 30 отсто во објекти за домаќинства, 20 отсто во хотели и 16 отсто во кампови.

Сподели