ноември 28, 2022

Се одложи судењето за меѓународен сојуз, Боки-13 и Ременски бараа изземање на Вилма Русковска

Бојан Јовановски познат како Боки 13 и пратеничката Фросина Ременски денеска требаше да седнат на обвинителна клупа на судењето за „Меѓународен сојуз“, во Кривичниот суд, но судењето утринава се одложи.

Сподели
 
 
 
   

Фросина Ременски, третообовинета во случајот „Меѓународен сојуз“, кој започнува денеска, пред стартот на судењето соопшти дека поднела барање до Јавното обвинителство за изземање на јавната обвинителка Вилма Русковска која го застапува обвинението за случајот поради селективност, кршење на правата на обвинетата и попречување на правдата.

„Денеска пред почетокот на судското рочиште за ‘Меѓународниот сојуз’, во кој сум третообовинета, во Јавното обвинителство поднесов барање за изземање на обвинителката Вилма Русковска бидејќи имаме цврсти докази дека има селективност на основниот јавен обвинител, преку кршење на моите права и во делот на попречување на правдата која е во надлежност на постапување на други институции“, изјави Ременски пред Обвинителството.

Ременски рече дека имаат основано сомнение но и цврсти докази дека во текот на сите фази од постапката – предистрага, истрага, оценка на обвинителниот акт сѐ досега, за селективност во постапката на основниот јавен обвинител ја попречувал правдата

„Да се навратиме дека имаше изјави за изнудување исказ за признанија и користење на неповолна положба на обвинетиот против други обвинети“, рече Ременски.

Во прилог на доказите рече дека е наведен и незаконскиот претрес во нејзиниот дом за што имала 16 докази кои ги приложила во денешното барање, како и тужбата до судот во Стразбур.

Таа рече дека очекува јавниот обвинител совесно и професионално да го разгледа барањето и да ја изземе Русковска како застапник на обвинението против неа и сите во случајот, бидејќи сите досегашни постапки можат да влијаат врз целиот судски исход. Сепак, како што рече, лично не верува дека ова ќе се случи врз основа на претходните искуства.

„Немам голема верба по ова барање, затоа што од ЈО во многу случаи пријавени од мене нема исход. Исто така во прилог на тоа зборува и другата компонента за целиот случај кој пропагандно се претставува, а сега веќе и во кампања се поентира со некаква правда и процедури низ институциите“, изјави Ременски.

Кон ова барање се приклучи и Бојан Јовановски-Боки 13.

И тој, како Ременски, ја обвини Русковска за селективно и тенденциозно постапување. Рече дека извршила кривично дело тортура поради начинот на кој се однесувала кон него, а спомена и дека треба да биде изземена бидејќи постапувала во „Рекет“ каде што, како што додаде, била селективна со Зоран Милески-Кичеец кој е на слобода заради политички цели.

Судијката Софче Гаврилова-Ефремова веднаш го одложи денешното прво рочиште поради барањето за изземање и го закажа следното за 21 јули.

Таа неколкупати влегуваше во дискусија со Јовановски и го опоменуваше да зборува за тоа што е тема на дискусијата и да не се злоупотребуваат правата од странките. Тој, пак, се нарече жртва на еден трул политички систем.

За Русковска, пак, барањето за нејзино изземање не е основано.

„Никогаш не сум се однесувала пристрасно, во ниту еден предмет, а сум сработила можеби повеќе од 1 000″, изјави обвинителката.

На 21 јули, таа, доколку не биде изземена од страна на републичкиот обвинител Љубомир Јовески, треба да ги даде воведните зборови, а во текот на судската постапка рече дека очекува да ја докаже вината на обвинетите.

Покрај Јовановски, кој се товари за измама и перење пари, и Ременски, за помагање во измамата, на обвинителна клупа седат и заменик-претседателката на невладината организација „Меѓународен сојуз“, Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ, и асистентката на Боки, Христина Блажевска. Двете се обвинети за помагање во делата перење пари и измама. Обвинет е и таткото на Боки, Миле Јовановски, за помагање во перење пари и за недозволено држење и тргување со оружје бидејќи во домот му беше пронајдено оружје за кое немал дозвола.

Како оштетени во постапката се јавуваат двајца бизнисмени, кои според обвинителството, биле измамени за наводни проекти на „Меѓународниот сојуз“ за изградба на Европски центар за возрасни лица и заедно му уплатиле на Боки сума од околу еден милион евра.

Сподели