декември 6, 2022

Поголеми “папи” од Папата

Ние ја сакаме Европа, само ја мразиме ЕУ!!! Со овие зборови Најџел Фараж (Nigel Farage) го заврши својот последен говор во Европскиот Парламент, воочи на “Брегзит-от”. Од каде толкава омраза кај Британците кон Унијата?!

Сподели
 
 
 
   
Стефчо Негриески

Со колапсот на комунизмот во Централна и Источна Европа, Европјаните станаа блиски соседи. Во ’93 се комплетира идејата за “единствен пазар” и четирите слободи на заедништвото: слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал. Со Договорот од Мастрихт (договор за создавање на Унијата) во ’93 година, перспективите изгледаа розево. 27 години подоцна, проблемите во Унијата не биле никогаш поголеми. И после толку години единствена заедничка политика на ЕУ е земјоделската. Но, и таа денес е под знак прашалник, со оглед на тоа дека ЕУ нема консензус околу буџетот за следниот седумгодишен период 2021-2027. Зошто работите тргнаа наопаку?!

Одговорот е прост. Демократијата е систем каде што владее мнозинството, а во ЕУ се одлучува со консензус. Па така денес, еден Кипар или Малта, па ако сакате и Луксембург може да спречи носење на било каква одлука која е во интерес на сите други држави членки на Унијата. Апсурд. Европскиот Парламент е сè уште ” англиска кралица”, сите одлуки се носат во Европскиот Совет. Во светски рамки не постои ваков “демократски” систем, каде именувани функкционери се над избрани функционери на избори. Ако се навратиме и на вчерашната “одлука” за отворање на границите на ЕУ, ќе видиме дека тоа во суштина и не е одлука, туку само препорака. Повторно се остава простор на земјите членки сами да одлучуваат за кои земји ќе ги отворат границите?! Би се рекло “ни риба ни девојка”. Или “де факто” не станува збор за Унија, затоа што државите членки не сакаат да го пренесат својот суверенитет на Европскиот Парламент (ЕП) и Европската Влада (ЕК).

Каде е тука Македонија? 18 години од потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација, би се рекло дека Македонија не е и никогаш не била во фокусот на ЕУ. Дури, тоа е само моја перцепција, државава и назадуваше во демократските процеси. Земете го било кој сектор, ќе видите назадување. И единствената придобивка од досегашниот процес на приближување – безвизниот режим, со вчерашната препорака е изгубена.

Лажејќи за датумот ја изгубивме визата. Но, ние не сме “енглези”. Ние сè уште ја сакаме и Европа и ЕУ. Ние секогаш сме биле поголеми “папи” од Папата.

Добра ноќ Европо каде и да си!!!

Автор: Стефчо Негриески

Сподели