ноември 28, 2022

Откриен нов свински грип кој може да се пренесува на луѓе

Истражувачи од Кина откриле нов вид свински грип кој би можел да предизвика пандемија, покажува истражување објавено во американското научно списание ПНАС. Грипот е наречен Г4 и потекнува од вирусот Х1Н1, кој предизвика пандемија во 2009.

Вирусот ги има сите карактеристики на вирус што би можел да се адаптира на луѓето, велат научниците од повеќе кинески универзитети и кинескиот центар за контрола и спречување на болести. Истражувачите анализирале примероци од брисеви од свињи во 10 кинески провинции во периодот од 2011 до 2018. Биле откриени 179 свински грипови.

Повеќето од нив биле од нов вид кој доминирал кај свињите од 2016. Научниците спровеле и повеќе експерименти за да откријат дали вирусот се пренесува и на други животни. Било откриено дека Г4 лесно се пренесувал на ласицата, која често се користи за вакви истражувања бидејќи има слични симптоми како луѓето.

Во анализата се покажало дека вирусот Г4 предизвикувал посериозни симптоми кај ласиците отколку другите вируси.
Освен тоа, имунитетот од сезонскиот грип не нудел никаква заштита против новиот вирус.

Според тестови за антитела во крвта, над 1 во 10 луѓе што работат со свињи веќе биле заразени со вирусот, а тестовите покажале и дека дури 4,4% од целокупното население било изложено на вирусот. Тоа покажува дека вирусот веќе се пренел од животните на луѓето, но нема доказ дали се пренесува од човек на човек.

Сподели