мај 19, 2022

Преспа(в)

Дури човек и да е поддржувач на Преспанскиот Договор, сепак не би можел а да не се запраша зошто Македонија не ги почитува одредбите од истиот во делот на роковите за имплементација?!

Сподели
 
 
 
   
Стефчо Негриески

Чита ли македонската администрација закони?! Има ли Македонија барем малку независни институции кои би кажале не на незаконска наредба од “повисока инстанца”?! Преспанскиот Договор уште еднаш ни покажа дека во Македонија постојат згради каде што се сместени институциите, но не и силни независни институции кои ќе спроведуваат закон.

Поминаа две години од потпишувањето на Преспанскиот Договор. За мнозинството Македонци горката кнедла во грлото се уште стои. И ќе стои. Еднаш некаде напишав дека ова не е направено за да ги убеди нашите генерации дека се “северномакедонци”, туку за нашите идни генерации, нашите деца. Да им всади во главите дека оваа држава е вештачка творба, дека тие се родени во државата со ново име, да се избрише меморијата дека македонското национално будење датира од XVIII век, баш кога и настануваат првите модерни држави во светов, онакви какви што ги знаеме денес. Да ги научи нашите деца дека немаат корени, дека немаат на што да се потпрат, божем се производ на клонирање. Тоа е целта на тој договор почитувани. За 30-тина години кога ќе надојдат новите генерации кои од свои најмали нозе учеле дека се “северномакедонци”, од учебниците кои ќе бидат пишувани од грчки историчари, да не постои Македонија и ништо македонско. Само граѓани без нација. Всушност, Македонци ќе постојат, но само од другата страна на границата, или можеби и територијата на Република Македонија ќе стане регион во Република Грција. Којзнае какви висини можеме ние да достигнеме?! Па дали е можно нешто многу лошо за себе да го направиш уште полошо?!

Овој договор е пример и за тоа. Македонецот е сам себеси волк. Го преспа ли македонската администрација и Договорот од Преспа и така стана “апарат на принуда”?!

Член 1, точка 10 од Преспанскиот Договор

Не треба да е човек правник за читајќи ја точка 10 да не сфати дека на некого многу му се брзало, па користејќи го делот на администрацијата кој е подложен на влијанија, го промени името на државава во сите документи и за надворешна и за внатрешна употреба. Денес сме сведоци дека во сведителствата на нашите деца е новото име, на сите документи – изводи, венчаници, умреници… па дури и на таблите на институциите стои новото име. Пред извесно време слушнавме и дека Народната Банка на Р. Македоноја нарачала печатење на нови банкноти со новото име. Мислам дека и Грците се изненадени од вака брзото имплементирање на договорот од страна на македонската администрација, иако и договорот не е правно обврзувачки во овој момент.

Сепак, нема предавање. Правото и правдата се на наша страна. Наше е да направиме сè во борбата за зачувување на нашето вековно име и нашата историја. Се разбира, институционално. Не е готово додека не е готово. No Pasaran!!!

Никогаш северна само МАКЕДОНИЈА!!!

Автор: Стефчо Негриески

Сподели