декември 1, 2022

Помеѓу идеалот и реалноста

За достоинството, слободата и правата на човекот во светлината на христијанскиот светоглед

Сподели
 
 
 
   
Ивица Тодоров

Јас, пак, ви велам: да не се противите на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот.

(Матеј. 5, 39)

Сите човекови суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинството и права. Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот на општо човечката припадност“ – (Член 1 од Универзалната декларација за човекови права)

Без сомневање мора да се признае дека еден голем процент од човештвото непоколебливо се бори секоја човечка личност, како Богопромислено и создадено битие, да може да го зачува, но и изразува својот вистински идентитет и вредност преку своето достоинство, слобода, права, но и одговорност за истите.
Но, за жал, без никакво сомневање е и фактот дека исто така еден голем процент од човештвото се бори вредноста и Богопромислениот идентитет на секоја човечка личност да се сведе на апсурд, односно, на релативизација до нихилизам, до ништавило.
Иван Александрович Иљин во своето познато дело „За спротиставувањето на злото со сила“ уште на самиот почеток ќе напише: „Преку страдања човештвото стекнува мудрост. Незнаењето го бутка кон искушенија и маки, но, во маките душата се чисти и прогледува, а на оној со отворен поглед му се дава изворот на мудроста – очевидност!“
Но што навистина претставува дарот на „очевидност“? Сите ние со нашите очи гледаме! Да гледаме, но најчесто она површното, она маскираното, она што го гледаат децата кога ги носиме на куклен театар, ги гледаме куклите, марионетите, но не и оние кои во позадина ги движат конците. Дарот на „очевидноста“ е дар кој ни помага да ја видиме позадината на нештата и настаните, но и да ја видиме вистинската Богоблагословена реалност во матноста на нашето секојдневие.

И сигурно се прашувате каква врска има ова со горната тема. Има голема и пресудна врска, затоа што без дарот на „очевидноста“ во ова наше време е скоро неможно да се направи разлика помеѓу оние кои искрено се борат за зачувување, но и за и актуелизација на вистинскиот човечки идентитет и вредност од оние кои крајно манипулативно, во името на тој исти идентитет и вредност, во името на тоа исто човеково достоинство, слобода и права, крајно ја девалвираат човечката личност испразнувајќи ја од нејзината духовна вертикала и Богопромислен идентитет и сведувајќи ја на „објект“, на „затворен систем“ на консумент на конформизам, хедонизам и нихилизам.

Кога веќе го отвараме прашањето за достоинството, слободата и правата на човекот од суштинска важност е истите да бидат објаснети во светлината на Богооткриената вистина за да не се случи, како што и најчесто се случува, овие примамливи апстрактни термини да бидат искористени како „мамка“ на јадица за преку истите да бидат уловени нови „наивници“ кои во состојба на „незнаење“ ќе се залагаат за вредности кои наместо градивен во себе ќе имаат разрушителен карактер.
За истите наједноставно да се објаснат ќе се послужам со заповедта на нашиот Господ Исус Христос искажана на Неговата беседа на гората. Таа гласи вака:
„Јас, пак, ви велам: да не се противите на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот. (Матеј. 5, 39)“
Многу христијани, како во древноста, така и денес, оваа заповед на нашиот Спасител ја доживуваат како еден вид пасивност пред злото, односно, како одбивање на активно спротиставување на злото. Затоа и многумина погрешно ја цитираат – кога велат: „ако некој те удри по едниот образ, ти сврти му го другиот“. Но Христовата заповед е сосем различна, Тој вели: „Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот.“ За да го разбереме ова што го заповеда самиот Христос ќе ни треба еден мал експеримент, но и мало запознавање со обичаите на евреите од Негово време. Доколку некому сакаме да му удриме шлаканица – ние со нашата десна рака го удираме по левиот образ, а не по десниот. Но Христос го потенцира – десниот! Зошто? Затоа што во негово време, како што ни сведочи и Mishnah, Baba Qamma 8, 1 – 6, ако сакаме некого да го понижиме, да го девалвираме, да му го одземеме социјалното, но и личното достоинство, тогаш го удираме по десниот образ со надворешната страна на нашата десна рака. Целта на ударот не била да заболи, туку да понижи, да му го покаже местото на оној кој требало да прифати позиција на „подреденост’! И ако тој другиот, на кого му се удира шлаканица го сврти другиот, левиот образ, и ако смирено така очекува нов удар тогаш тој со таквиот чин покажува дека не прифаќа да биде девалвиран, понижен, подреден, туку покажува дека има ДОСТОИНСТВО кое му овозможува слобода да ги бара своите права кои го формираат неговиот Богопромислен идентитет.

И сега навлегуваме во суштината на нештата, од каде личноста што го врти својот образ ја црпи силата за своето достоинство? Па многу едноставно – таа сила ја црпи од вистината дека е Богосоздадено битие, дека е Богообразно битие, дека е ЛИЧНОСТ! Само оној кој е свесен за својот вистински идентитет и Богопромисленост има сознание и сила за очувување на своето достоинство. Без свесност и сознание за нашиот вистински идентитет и вредност ние наместо достоинство, односно, осет за вистински вредности, во своите ментално – душевни простори ќе негуваме гордост, егоизам, суета, илузија, зло, површност, корумпираност, желба за манипулација, насилие….

Разликата помеѓу ДОСТОИНСТВОТО и ЕГОИЗМОТ се огромни, иаку денес многумина ги мешаат правејќи голема забуна и манипулација.

И сега да се вратиме на смислата на Христова заповед. Самиот Христос ни заповеда да не бидеме пасивни пред злото, да не му се спротиставуваме на злото со зло туку да му се спротиставиме со силата на доброто која е плод од нашето вистинско достоинство.

Значи, според ова може да заклучиме дека само луѓе со вистинско достоинство искрено и градивно се борат за достоинството, слободата и правата на останатите луѓе. Луѓе кои немаат остварено свое лично достоинство не можат, а и не знаат како да се борат за достоинството, слободата и правата на другите луѓе, па затоа најчесто стануваат свесно/ несвесни учесници во „проектите“ на силата на деструкцијата.

Истите нешта што се однесуваат до достоинството, се однесуваат и за слободата. Само неслободните луѓе кои немаат достоинство и остварено сознание за своите, но и за туѓите права и одговорности – заробеноста ментална, ропството духовно, насилието и духовната слепотија ги нарекуваат „слобода“ неразбирајќи дека тие се робови на деструктивната анархичност на злото. И за жал, оваа „деструктивна анархичност на злото“ секојдневно пред нашата очевидност излегува маскирана со привлечната парола: „слобода“.
Секој вид на слобода: слобода на говор и изразување; слобода од дискриминација; слобода на движење; слобода на мислата, совеста и религија – се разбира како вистинска СЛОБОДА ако истата е плод на личното достоинство кое е втемелено на Богооткриената љубов и вистина и кое има свесност и одговорност за слободата и правата на другите луѓе.

Во својата позната песна „Кога небото ќе ми биде дом“ познатиот хрватски кантавтор Златан Стипишиќ Џибони ќе напише:
„Подивени луѓе си отвараат пат со барут
И со таа неслобода во себе,
се што прават Е слично на неа.“

Крајно точно. Неслободните луѓе кога се борат за својата умислена „слобода“ патот кон неа го отвараат со барут и со неслободата во себе – се што прават – прават слично на неа.
„Кој има уши да слуша – нека чуе!“ вели Христос. (Матеј. 13. 9)

Автор: Презвитер Ивица Тодоров

Сподели