мај 19, 2022

Македонија со негативен прираст на населението во 2019

Според податоците на Државниот завод за статистика, во Република Македонија бројот на живородените деца во градските подрачја изнесува  11 772 деца или 59.3 % од вкупниот број на живородените деца наспроти 8 073 живородени деца или 40.7 % во селските подрачја. Најголемо учество во однос на вкупнот број раѓања по региони има Скопскиот со 38.1 % , а најмало Источниот Регион со 6.3 %.

Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања во градските подрачја изнесува 29.8 години наспроти 28.2 години во селските подрачја. Просечната возраст кај првите раѓања во градските подрачја изнесува 28.5 години наспроти 25.9 години во селските подрачја. При првото раѓање за  2.6 години е  помлада мајката од селските подрачја.

Бројот на умрените лица во градските подрачја изнесува 12 831 лице или  62.8 % наспроти 7 615 умрени лица или 37.2 % во селските подрачја.  Најголемо учество во однос на вкупнот број умрени лица, по региони, има Скопскиот со 29.9 %, а најмало Североисточниот Регион со 8.1 %. Бројот на умрените доенчиња во градските подрачја е 66 доенчиња, додека во селските подрачја изнесува 46 доенчиња.

Просечната возраст на умрените лица во градските подрачја изнесува 73.7 години наспроти 73.8 години во селските.

Природниот прираст кај населението од градските подрачја, е негативен и изнесува –1 059 лица наспроти позитивниот природен  прираст во селските подрачја кој изнесува 458 лица.  Во шест региони има појава на негативен природен прираст, и тоа во: Вардарскиот, Источниот, Југозападниот, Југоисточниот, Пелагонискиот и Североисточниот Регион. Позитивен прираст има само во Полошкиот и Скопскиот Регион.

Природен прираст вкупно и по региони
Извор: ДЗС

Природниот прираст на ниво на Македонија е негативен и изнесува – 601 лица.

Податоците за внатрешните миграции на ниво на регион покажуваат дека најголемо учество од 36.3 % имаат преселбите од село во град, додека меѓуградските преселби учествуваат со 8.2 %.  

Во вкупните миграции на ниво на регион од село во град, најголемо учество има Источниот Регион со 51.8 %, додека во Полошкиот Регион најголемо учество имаат меѓуселските преселби кои учествуваат сo 61.5 %.

Салдото на надворешните миграции е најголемо во Скопскиот Регион (1 233), а најмало во Југоисточниот Регион (- 58).

Сподели