декември 2, 2022

Кина успешно тестираше вакцина против ковид-19, сите доброволци развиле огромен број антитела

Кинеската Национална биотек група (ЦНБГ) во неделата соопшти дека првите резултати од тестирањето на кандидат за вакцина против коронавирус на луѓе сугерираат дека таа може да биде безбедна и ефикасна. Ова е втор кандидат за вакцини од фирмата што покажува охрабрувачки резултати во клиничкото испитување.

Сподели
 
 
 
   

Експерименталната вакцина, развиена од единицата на ЦНБГ со седиште во Пекинг, предизвикала огромен број антитела кај сите инокулирани учесници во клиничкото испитување во фазата 1/2, во кое биле вклучени 1.120 здрави луѓе, според првичните податоци на тестирањето, соопшти ЦНБГ во објавата на платформата за социјални медиуми ВиЧет. Волонтерите примиле по две дози од вакцината.

На кинеските компании и истражувачи им беше дозволено да тестираат осум кандидати за вакцина кај луѓе од дома и од странство, со што Кина стана главен играч во трката за развој на вакцина против вирусот од кој починаа скоро 500.000 луѓе во светот.

ЦНБГ, поврзана со државната национална фармацевтска група Кина (Синофарм), овој месец порача дека друг кандидат за вакцина, произведен од нејзината единица со седиште во Вухан, исто така, безбедно предизвикал голем број антитела кај учесниците во клиничкото испитување врз основа на првичните резултати.

Вакцината мора да ја докаже својата ефикасност во тестирањето врз луѓе во „Фаза 3“, каде што се регрутирани илјадници учесници, за да биде дозволена нејзината продажба.

ЦНБГ во вторникот соопшти дека фазата 3 за својот кандидат за вакцина ќе ја води во Обединетите Арапски Емирати, без да прецизира која вакцина ќе биде тестирана.

Од друга страна на кинеската војска ѝ се дозволи да користи вакцина против коронавирус развиена од нејзините истражувачи и лабораторијата „Кансино биолоџикс“, откако клиничкото тестирање се покажа безбедно и донекаде ефикасно, соопштија од компанијата.

Станува збор за Ad5-nCoV, еден од осумте кинески кандидати за вакцина за кои е дозволено тестирање на луѓе во земјата и во странство, пишува „Ројтерс“.

Вакцината е одобрена за тестирање кај луѓето и во Канада.

Кинеската централна воена комисија ја одобри, според изјавата на „Кансино биолоџикс“, употребата на таа вакцина во армијата за период од една година.

Според веб-страницата на СЗО, има 16 кандидати за вакцини против ковид-19 во клинички испитувања низ светот, од кои седум ги развиваат кинески компании или заеднички ги развиваат кинески и странски компании.

Сподели