мај 19, 2022

За економскиот дел од понудите на политичките партии

Јованчо Спироски

Со почеток на политичката кампања партиите ги понудија своите програми. Во овој дел да се задржиме на економскиот дел од програмите, примарно на СДС и ДПНЕ, но тоа воедно се однесува и за скоро сите други партии. 

Како што и не беше тешко да се предвиди, СДС и ДПНЕ си останаа доследни на своите левичарски определби. Претпоставувам дека на мнозинството веќе им е повеќе од јасно дека ДПНЕ не е десна партија, и дека Македонија никогаш немала десна партија на власт, него само лево и полево. Ако на некому тоа сеуште не му е јасно, нека ги погледне историски економските параметри (буџетот, дефицитот, долгот, државните давачки, партиската администрација).

И во суштина се нудат истите програми (политички памфлети), само со уште повеќе напумпани бројки. И исто како и претходно, како економски всушност се нудат празни социјалистички ветувања. Веќе добро познати од секои претходни избори, накратко да се сумираат:

  • Зголемување на платите во администрацијата
  • Зголемување на просечната плата
  • Раст на пензиите
  • Раст на разноразни субвенции
  • Пари за учениците, пари за студентите, пари за компаниите, пари за туризмот
  • Чесно работење и нулта толеранција на корупцијата
  • Професионализација на администрацијата
  • Поддршка на компаниите
  • Поддршка на иновациите
  • Партнерство со компаниите
  • Забрзано зголемување на економскиот раст

Да се направи тест со реалноста. Прашање што се поставува е, од каде пари? За ова да се оствари, барем и делумно, преведено тоа би значело понатамошно забрзано зголемување на долгот. Воедно, понатамошно зголемување на даноците, акцизите и разните други државни давачки. А зголемувањето на давачките делува дефлационо (го намалува) на економскиот раст, што е спротивно на ветувањето за забрзано зголемување на истиот. Од досегашното искуство, ДПНЕ може да намали еден од даноците, но тоа тие го компензираат со зголемување на регулативите, и парите се влечат од таму преку разни други наплати, помеѓу кои се и казните. А СДС оди директно на зголемување на даноците, акцизите и други давачки.

Реализациите на поддршката и субвенциите веќе добро позната, понатамошно партиско и фамилијарно делење на не мал дел од парите. Образованието и здравството ќе продолжат да бидат партиски (а да ни се претставуваат како државни). И секако, понатамошно зголемување на партиската администрација. 

Повторно се слуша стандардната заблуда, зголемување на платите преку зголемување на продуктивноста. Прашање, како тоа политичарите може да помогнат во зголемување на продуктивноста? За тоа да се случи, потребно е искуство, знаење и постигнати успеси во услови на глобална конкуренција. А такво нешто политичарите немаат. Иначе не би се бореле грчевито, едните да останат, а другите да дојдат на власт, за да се заграби што е можно повеќе од буџетот. И друго, продуктивноста не е еден од примарните фактори за зголемување на платите. Конкретно, еден произведува Фичо, а друг Ауди. Овој што произведува Фичо може да ја зголемува продуктивноста колку и да сака, но споредено со овој што прави Ауди, пак ќе зема далеку помалку пари. Хммм, како тогаш да се дојде до поголеми плати, очигледно не знаат.

Горенаведеното исто ги адресира деловите во поддршка на компаниите, и поддршка на иновациите, и зошто секогаш не се ништо друго освен стандардни политички флоскули.

Исто се навлегува и во делот партнерство со компаниите, но да се елаборира дополнително. Малку економија, најголемиот дел од растот на БДП во Македонија е во делот на потрошувачката (како приватната, така и партиската (државната)). А другите делови од БДП-то не се баш за пофалба. Трговскиот дефицит постојано расте (повеќе се увезува, отколку извезува), а во делот на инвестициите Македонија е на дното. Да се вратиме на потрошувачката, таа е финансирана од постојаното зголемување на долгот (партизираната администрација и пензиите), од девизните дознаки од странство, како и од луѓе кои што сезонски работат во странство, и секако делот на потрошувачката од луѓето кои што работат во Македонија. Тука ретко каде примањата значително растат, но има и такви случаи. Пример кај програмерите, и една од причините е што баш таа дејност политичарите не ја регулираат како и другите дејности. Не од што не сакаат, него не можат. Не може да го застаниш софтверот на граница за да го оданочиш, цариниш, наплатиш акциза. И што всушност ова ни кажува, дека дејностите во кои што политичарите имаат намалено влијание, баш тие дејности просперираат. Толку и од делот на партнерството помеѓу политичарите и компаниите. 

Друг тест со реалноста, финансиите. Со задолжувањето предвидено за оваа година, државниот долг (владата и општините)  ќе оди над 6 милијарди ЕУР, а јавниот долг (јавните претпријатија додадени) над 7 милијарди ЕУР. Со Мики Маус приказ на долгот, како процент од БДП, тоа би било околу 55% и 64% соодветно. За споредба, пример Југославија банкротира во 1983 со долг околу 17% од БДП. А долгот на Јапонија е околу 240% од БДП, па никој не ни помислува да ја стави на листата земји за банкрот.

Без да се шири, системот се одржа олку долго поради рекордно ниските каматни стапки (најниски воопшто во историјата), некаде нула, а некаде дури и негативни. Каматите глобално се спуштија на рекордно ниско како одговор на кризата од 2008. Но, тоа нема вечно да трае. Следната глобална криза, која ќе е воопшто најголема досега, официјално започна сега во Март. Наредниот бран од кризата веројатно би бил некаде во средината на Септември. Централните банки упорно уфрлуваат (фактички тоа не се нови пари, бидејќи најголем дел се swaps) рекордно високи суми (трилиони Долари, Евра, Јени), и никако да успеат да ја поттикнат инфлацијата. И инфлацијата ќе дојде, но не таа што централните банки ја посакуваат. Преведено, тоа значи каматите ќе одат нагоре, и ќе биде се потешко да се сервисираат долговите.

Така да политичарите во Македонија не може да сметаат на понатамошно долгорочно зголемување на долгот. И воедно, наместо да се увиди и разбере што се случува и што наредно доаѓа глобално, за да спремни го пресретнеме, буквално све се прави и пропагира спротивно. И со тоа забрзано итаме директно во центарот на големото невреме кое надоаѓа.

И за крај, логика. Што треба уште да се случи за да конечно после сите овие скоро 30 години се дојде до реализација, дека не е доволна само промена на луѓето, него и промена на системот. Да се признае дека залудно е да се очекува политичарите наеднаш да станат чесни и не крадат, и тие се луѓе, не се ангели. И воедно, и тоа да е случај (а не би било), политичарите ни приближно го немаат потребното искуство и знаење. И секако мотивација, бидејќи не се нивни парите што тие ги трошат.

Дека се потребни коренити економско/финансиски реформи, со кои што политичарите не би го имале веќе досегашниот статус на полубогови. И како тоа да се постигне, со тоа што да се намалува, па одземе можноста на политичарите да ги одземаат парите од работните луѓе. Нели во име на државата, во име на некаква си еднаквост, солидарност, фер, и други стандардни марксистички пропагандни лаги. А кога се ставени на тест, марксистичкото мото, твоите пари се и мои, а моите се само мои, јасно излегува виделина. Кога за соочување со последиците од вирусот, предложената мерка за намалување на платите во партиската администрација беше дочекана на нож. И тоа баш од марксистите, кои што нели прокламативно се грижат за работните луѓе. А кој тоа го полни буџетот од кој што марксистите земаат плати, па работните луѓе, дел од кои што со затворање на економијата останаа без работа.

Поголем дел од парите изворно да остане кај тие што и ги заработуваат, преку намалување/укинување на даноците, акцизите, царините, и други државни давачки од една страна. А од друга страна, намалување на трошењето на политичарите и партиите (буџетот).
Преку инвестициски фондови формирани во пазарни услови, и до кои што политичарите не би имале никаков пристап, да се градат капиталните инвестиции и соодветно инвестира во економијата. Така пример самите работни луѓе би ги граделе патиштата, а не политичарите. Воедно самите луѓе, а не политичарите, да ги избираат наставниците и лекарите. Со тоа што тие самите ќе решаваат на кои наставници, лекари, да ги потрошат парите за дадените услуги. А државата преку систем на ваучери да ги гарантира основните такви услуги. И со тоа партиското да биде заменето со работното, за да се дојде до вистинското државно. Бидејќи работните луѓе, независно од пол, етникум или религија, се тие што се носители на суверенитетот и прогресот, а не политичарите. Проблемите (и со тоа и решенијата) на Македонија се внатрешни, а не надворешни.

Автор: Јованчо Спироски

Сподели