декември 8, 2022

Коронавирусот очигледно повторно излегува од контрола: Расте бројот на заболени на Балканот

pcr

Во повеќе држави на Балканот денеска се регистрира пораст на заболените од новиот коронавирус.

Загрижувачки се бројките на новозаразени од ковид-19 во последните 24 часа во Македонија, ако се има предвид дека денеска се регистрирани дури 176 нови случаи, и тоа на спроведени само 870 тестирања, што претставува стапка на заразеност од 21%.

Денешните бројки на новозаразени, како што коментираат здравствени работници, покажуваат дека, заразата во земјава експлодира, наспроти очекувањата на здравствените власти и најавите дека е можно стабилизирање на состојбата. Очигледно е дека факторот на репродукција R е далеку над 1,0.

Во Бугарија, во последните 24 часа се направени 1528 тестови, а се регистрирани 112 позитиви, најмногу од нив во Софија, а потоа следуваат Пазарџик и Пловдив. Со ова вкупниот број на заболени кај источниот сосед се искачи на 4625.

Во Србија, според денешните податоци, во последните 24 часа се направени 4905 теста, позитивни од нив се 254 лица, а тројца починале.
Во Босна и Херцеговина за истиот период се регистрирани 108 нови заболени, поголемиот дел од нив работници во фабрика за преработка на риби.

Во Хрватска пак, како што се јавува, регистрирани 67 нови заболени со што вкупната бројка од почетокот на епидемијата досега во таа земја изнесува 2691, а 107 починаа. Грција има најмал број новорегистрирани случаи, 23 со што вкупниот број на заболени се искачи на 3366. Вкупно досега во таа земја починаа 191 лице.

Косовскиот премиер Авдулах Хоти предупреди денеска дека Владата, доколку продолжи актуелниот тренд на ширење на епидемијата на Ковид-19 во Косово да биде приморана да ги врати мерките на тоталната изолација. Во Косово последните денови е забележано зголемување на бројот на заразени од новиот коронавирус. Само во текот на вчерашниот ден се регистрирани нови 96 заболени, а вкупно досега, според последниот официјален извештај, има 2.590 заразени. Од нив 48 починале, додека 1.394 се излекувани, така што бројот на активни носители на вирусот изнесува 1.148.

Инаку, денеска бројот на заболени од новиот коронавирус на светско ниво ја надмина бројката од 10 милиони луѓе, а од него од почетокот на пандемијата досега починаа речиси 500 000.

Сподели