мај 19, 2022

Зошто се убави патувањата?

Патувањата се единствена работа на која трошиш пари а те прават побогат!!!

Сподели
 
 
 
   

Ги бројам последните денови од годишниот одмор. Добро, од првиот дел од годишниот одмор. Единствено тоа ми го поправа расположението денес. Во понеделник треба да сум во Скопје, вратен на своите редовни работни обврски. Мамурен понеделник ќе биде тоа. Затоа овие два дена од викендов ќе се предадам на хедонизам, за да ми држи одморот. Сабајлево решавам да скокнеме до Св. Наум, а потоа знам дека цел ден нема да се прибереме дома во Струга, сè уште Струга си ја викам дома иако веќе 13-та година живеам и работам во Скопје. Ќе се препуштиме на таа убавина и ќе испадне прекрасен ден. Најубаво е без планови, онака спонтано. Одреди ја само почетната дестинација, а потоа остави коцкичките сами да се редат.

И ова ми е една од поомилените иако тешка рута за возење, заради тесниот пат. Но, прекрасните глетки на Галичица од една и синилото на езерото од другата страна оставаат без здив. Посебно ако некој те вози. Јас ја немам таа среќа, јас сум возачот секогаш.

Попатно, правиме мала пауза кај “Музејот на вода – Заливот на коските”. Од паркингот се пружа неверојатен поглед. Влезница само 100 денари, но музеите заради здравственава криза сè уште не работат. Вреди да се посети ова место. Правиме неколку фотографии и продолжуваме натаму.

Залив на Коските — залив во Охридското Езеро и археолошко наоѓалиште на праисториска наколна населба на полуостровот и автокампот Градиште. Длабок е 3 до 5 метри. Местото е наречено „Плоча Миќов Град“ и денес има реконструкција на наколните живеалишта (Музеј на вода „Залив на Коските“) и платформи, со свој посетителски центар. Над него се издига обновено римско утврдување (каструм) со воени објекти од тоа време.

Продолжуваме по кривулестиот пат накај Св. Наум. На патов му треба реконструкција и проширување дефинитивно, но од глетката се заборава на маката. Пристигнуваме во Св. Наум, тука МПЦ навистина направи голема работа, го среди просторот околу манастирот, сега има нови дополнителни паркинг места – паркинг само 50 денари цел ден, убаво хортикултурно среден пристап до манастирот, нови типски куќички за продажба на сувенири. Делува “европски”. Тука иако сум бил многупати, некако секогаш ме обзема возбуда како да доаѓам првпат, нешто слично како во Бигорски. Пријатна прошетка по прекрасно уредениот простор, па преку мостето над изворите на Црн Дрим, и еве не во манастирскиот двор. Со оглед на ситуацијата има прилично народ, на поклонение кај големиот светец или само да се ужива во погледот кој што се пружа од платото пред манастирот. Тука се и неизбежните пауни. Палиме свеќи за здравје и потоа клекнуваме до гробот на светецот за да го слушнеме чукањето на неговото срце. Рутуал во Св. Наум. Потоа се фаќа место во дворот и се ужива во глетката. Времето тука е ралативно.

Св. Наум — манастир изграден на висока карпа, над самото Охридско Езеро, на неговата најјужна точка, во една месност со ретка природна убавина. Подигнувањето на овој манастир е поврзано со името на НаумКлиментовиот соработник. Св. Наум, пред крајот на својот живот, го основал манастирот Св. Архангел и во 910 година бил погребан во него. Околу манастирот има повеќе други црквички, како: Света Петка, Свети Атанасиј, Агијазмо и др.

Веќе е 13 часот и време е за кафе. Наш избор од трите ресторани кои работат во комплексот е ресторанот Острово. Убава сенка и свежина од изворските води на Црн Дрим. Кој полага право на реката?! Стружаните или охриѓаните?! Извира во Охрид а тече низ Струга. Стигнува ладното макијато и се препуштаме на прекрасното зеленило со кое се опкружени изворите. Ниту помислувам тука да решавам дилеми. Опција е и прошетка со кајче по езерото кое што е формирано од изворите, цената е 200 денари по човек. Турата трае 30 минути.

14:30. Возење со кајче или к’пење?! Сепак к’пење. Да направиме сефте оваа година. Демократски гласаме на која плажа ќе одиме и победува Љубаништа. Во себе вриштам од среќа, според мене Љубаништа е најубавата плажа на Охридско. Сопругата ја обожува Трпејца. Има време и за тоа. За миг сме на плажата, 100 денари влез за паркинг. Доколку влегувате без автомобил ништо. Бесплатно уживање. Кај го има тоа?! Водата на идеални 23 целзиусови. Прекрасно освежување во овој спарен ден. Доаѓа летото и ми изгледа како полека да се враќа животот во нормала.

Веќе почнуваат да ни кркорат цревата од глад. Малце и поцрвеневме, како Англичанине. Љубаништа нема ресторани, па еве шанса да скокнеме и до Трпејца. Македонското “Сен Тропе”. Тука работат неколку ресторани на самата плажа. Наш избор за денес е ресторанот Мрестилиште. Прељубезни домаќини, одлично “скоцкан” простор. Во менито риба, но и специјалитети од месо. Па нели денес живееме хедонистички?! Пастрмка 2200 денари за килограм, белвицата 1200. Плус ракија и салата, плус вино со рибата и неизбежното охридско макало. Не претерувајте со виното, треба да се вратите дома по тешкиот пат. Ех да си бевме сместени во Трпејца!!

И толку, денот почна да ја спушта завесата. На патување деновите секогаш се кратки. Да си го фатиме патот за Струга со ден, а љубезните домаќини од Мрестилиште не испраќаат со “кафе од куќата”.

Зошто се убави патувањата?! Заради враќањата дома. До следно патување низ Македонија.

П.С. За во автомобил препорачувам убава македонска поп музика.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели