декември 2, 2022

Зголемена радиоактивност во северна Европа

Властите на нордиски држави објавија дека регистрирале зголемено ниво на радиоактивност во северна Европа овој месец, а холандските власти соопштија дека изворот може да биде од западниот дел на Русија.

Руската агенција ТАСС ја пренесе изјавата на портпаролот на државната нуклеарна корпорација Росенергоатом, кој рече дека двете нуклеарни централи на северозападниот дел на Русија не пријавиле никакви проблеми.

Електраните Ленинград и Кола, едната во близина на Санкт Петербург и другата кај Мурманск, „функционираат нормално, а нивото на радијација е во предвидените граници“.

Норвешките, шведските и финските тела задолжени за следење радијација и нуклеарна безбедност соопштија дека регистрирале мали количини радиоактивни изотопи безопасни за луѓето и околината во делови на Финска, јужна Скандинавија и Арктикот.

Шведската агенција за радијациска безбедност соопшти дека „не е можно да се потврди што е причината за зголеменото ниво“ на радиоактивноста, ниту од каде потекнуваат облаците што содржат изотопи.

Ниту финските, ниту норвешките агенции не шпекулираа за изворот на радијацијата.

Сподели