ноември 28, 2022

Проблеми со водоснабдувањето во Струга

Struga

Струга е прекрасна, но и град со многу локални проблеми. Управувањето со отпадот, дивоградбите, лоша инфраструктура, недоизградениот колекторски систем… но од пред 3-4 години почна да се јавува и проблемот со водоснабдувањето. Од мај – октомври, граѓаните во одредени градски реони се соочуваат со овој проблем, намален притисок во системот во ниската зона до целосни прекини на испораката на вода во високата зона, кои некогаш во врвот на туристичката сезона знаат да траат и по цел ден. И оваа сезона започнува со истите проблеми.

Каде е проблемот?

Некои од граѓаните велат дека водоводното претпријатие намерно ги исклучува пумпите за да штеди струја, други дека заради неконтролираната изградба системот веќе не е во можност да ги задоволи потребите на градот. И покрај многуте претставки од нивна страна до локалниот комунален инспекторат, досега немаат добиено никаков одговор, ниту па проблемот е отстранет.

Парадоксално е градот на две води, сместен во подножјето на планината Јабланица, веројатно планина најбогата со вода во Македонија, да трпи за вода. Време е институциите да си ги преземат надлежностите и да почнат да ги решаваат проблемите на граѓаните. За тоа впрочем се платени.

С.Н.

Сподели