мај 19, 2022

Електрани на Македонија дели К-15

Државната компанија Електрани на Македонија им исплатила на вработените регрес за годишен одмор за 2020 година во вкупна вредност од 166 милиони денари или над 2,6 милиони евра во текот на овој месец. К-15 добиле сите 5.661 вработени и тоа по 26.422 денари или по една просечна плата за секој. Исплатата се случила во време на криза, веднаш откако Уставниот суд ја стави вон сила Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци за плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба.

На 1 април Владата усвои информација за намалување на непродуктивните расходи која содржи неколку заклучоци меѓи кои и времена забрана за нови вработувања, ангажирања на привремено и нови договори на дело, кратење на непродуктивните расходи за спонзорства, реклами, репрезентации, набавка на мебел, опрема, возила и други непродуктивни расходи кои суштински не се поврзани со справување со COVID-19. Меѓу препораките беше и да не се доделува регрес за одмор во јавен сектор и да не се реализираат другите права од Општиот колективен договор за јавниот сектор. Исто така јавните претпријатија беа задолжени да ги намалат за 15 проценти тековните расходи, а беше укажано и препорачано и на единиците на локална самоуправа како и јавните претпријатија и АД во државна сопственост и сите останати субјекти во јавниот сектор да ги почитуваат донесените мерки и да се воздржат од помалку суштинските расходи кои не придонесуваат во справувањето со Ковид -19. 

Дијалектика има сознанија и дека во многу други институции се исплаќаат додатоци на плата, но и се вработуваат лица со Договори за дело како и на определено време, дури и за време кога Уредбата беше во сила.

Сподели