мај 19, 2022

Не е срамно ако умреме до еден, но голем срам е, ести голем, ако останаме без името наше од кое уште се плашат ко од чума – На денешен ден е роден Петре М. Андреевски

Ама секоја куќа има свој нужник, што се вели, и секој народ има свој предавник

Сподели
 
 
 
   
Петре М. Андреевски

На денешен ден, 25 јуни 1934 година, е роден македонскиот поет, романописец, раскажувач и драмски автор Петре Мито Андреевски.

Андреевски се вбројува меѓу најдаровитите и најпопуларните македонски поети и раскажувачи, а неговото творештво е разновидно и опфаќа романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Еден од неговите најпознати романи е „Пиреј“, кој македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза, додека збирката „Дениција“ се смета за химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.

Во продолжение се потсетуваме на најголемите и најубави мудрости од неговите дела.

– Не е срамно ако умреме до еден, но голем срам е, ести голем,
ако останаме без името наше од кое уште се плашат ко од чума.
А без име, векутуми, а без него и гробовите ќе ни бидат празни.

– Ама секоја куќа има свој нужник, што се вели, и секој народ има свој предавник. Нашата историја е повеќе прочуена со предавници отколку со херои. Така кажуваат и народните песни. Најубавите деца сами си ги јадеме или ги подметнуваме во туѓа служба, како кукавицата своите јајца во туѓите гнезда. Некој војвода има речено: за да станеш предавник, доволно е да си Македонец. Ништо не ти треба друго и ништо повеќе. Господ да ни е на помош, би рекол, зашто и нашиот господ е шпион.

– Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.

– Кoгa јa љубев Деницијa, кaкo дa учествувaв вo сoздaвaњетo нa првaтa Мaкедoнскa Држaвa.

– Браќа и сестри, бидете на штрек, не подарувајте го идеалот на вашиот минлив живот, не напуштајте го храмот што го носите во вас, не напуштајте го и кога знаете дека е разурнат, исправете ги неговите урнатини, зашто само така ќе си ја вратиме и вербата во себе си. Не срамете се од ништо што е ваше, ставете го во вашата љубов како порака на сите наши предци кои пред нас биле некаде тука на истите овие места што ги зафаќаме ние. Не дозволувајте некој друг да ни ја контролира нашата свест и нашата национална гордост. Презирајте ги сите оние што ни го присвојуваат името, но и црквата, јазикот, писмото што всушност го позајмиле од нас.

– Само здружени и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни. Историјата е еден отворен процес кој постојано се допишува. Ние, Македонците таа историја сакаме да ја пишуваме само со своето македонско писмо и само со својата македонска вистина. Слободата е наша прва икона и затоа не испуштајте ја од своите раце и од својата љубов. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Низ секој наш творечки подвиг. И низ секој изгрев што нѐ осветлува. Само така Македонија ќе ја видиме обединета во една толку величествена светлина. Зашто наше знаме е сонцето, а тоа е најстариот оган на кој се грееме.
Ура за Македонија, ура и за тој вечен оган по кој се препознаваме!

– Пријателот ти е роднина кој самиот си го избираш.

– Сега дури сфаќам дека и среќата и несреќата ги разбираме откако ќе нема со кого да ги делиме.

– Останало животворната вистина да ја откриеме откако ќе сфатиме дека не можеме да живееме оддалечени од некого, без кого не можеме.

– Стравот е страшен само за оние што му се плашат.

– А колку би било поинаку кога болката би ја чувствувал и оној што ја предизвикува.

Сподели