декември 1, 2022

Зошто се убави патувањата?

Патувањата прво те оставаат без зборови, а подоцна те претвораат во раскажувач на приказни!!!

Сподели
 
 
 
   

Деновиве го трошам годишниот одмор во мојот роден град Струга. Утрово изгледаше како рутина, станување во 8 и густирање кафе на тераса. Потоа би следувал појадок, а после појадокот си го трошам времето на култното “Пливалиште”, пиејќи кафе и понекое пиво со другарите. Долги се деновите во јуни. Не дека се жалам, Струга е прекрасна, но во еден момент пиејќи го утринското кафе, си викам зошто секој ден мора да биде ист!? Ајде малце да ја разбиеме шемата. Во истиот момент паѓа одлука дека ќе возиме кон манастирот “Св. Јован Крстител”. Забораваме на појадокот и седнуваме во автомобилот. Возиме.

Црн Дрим

Прекрасно доживување е возењето покрај Црн Дрим кон Дебар. Отсекогаш сум го сакал овој крај. Зеленило и прекрасни пејсажи обликувани од прекрасниот Дрим, фјордови и две вештачки езера на патот до Дебар. Глобочичко и Дебарско Езеро. Рај за риболовци. Времето променливо, но нема да дозволиме да ни го расипе расположението. Го поминуваме Дебар и сега возиме по течението на реката Радика. Вода и шума на сите страни.

Дебарско езеро

Полека се доближуваме до манастирот, но сега гладта не навјаса, па решаваме да повозиме уште малку накај Маврово. Трница и “Трнички качамак” со овчо кисело млеко. Го смазнавме за миг. Објектот супер реновиран, хигиена и услуга на ниво. Качамакот како и секогаш врв. Топло го препорачувам местово. Тука може и да се преспие во исто така реновираниот мотел. Природата – “боли глава”. А и времето ни се насмевна, сега гледаме зеленило и сино небо.

Мотел Ресторан Трница

Уште едно домашно кафе без шеќер и се упатуваме накај манастирот. Сум доаѓал тука многупати, ама секое доаѓање повторно возбуда. Возилото го оставаме долу, до Бигорски секогаш сакам да попешачам. Возбудлив ми е тој пат меѓу густата шума кој води до веројатно најубавиот манастир во Македонија.

Бигорски, мир и спокој. И прекрасни пејсажи.

Според Бигорскиот поменик, манастирот бил основан од страна на монахот Јован во 1020 година, а во XVI век манастирот бил разрушен од страна на отоманската власт и од целиот комплекс останала само мала црква. Од помениците исто така се дознава дека манастирот бил повторно обновен во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион кој бил и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време.

Името на манастирот доаѓа поради фактот што објектот бил изграден од бигор. Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква која е посветена на Јован Крстител, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци.

И овој пат седнувам на ѕидчето покрај главната црква и во тишина поминувам 2 часа. Ова доаѓа како мевлем на рана направена од животот во бетонските џунгли.

Време е да продолжиме. Вредно е да се спомне дека веднаш до влезот на манастирот се гради нов угостителско – сместувачки комплекс, а во подножјето на манастирот од пред некоја година работи уште еден нов објект “Куќа на Мијаците”, изграден во традиционален стил. Си помислувам “добро е”, конечно некој сфатил со каков туристички потенцијал располага Реканскиот крај.

Влегуваме во автомобилот, но сега веќе е време за ручек. А и кој сака да си оди од ваква убавина!? Одиме за Лазарополе. По пат застануваме да го посетиме малку подзаборавениот мост “Елен скок”. Сраснат со природата, а Мала Река прави толку бучава што тешко се разбираме меѓу себе. Но, тука зборување не е потребно, дозволено е само уживање во говорот на природата.

Елен Скок (Еленски Скок или Елен Мост) — камен лачен мост во околината на с. Могорче преку Мала Река во Реканскиот регион на западна Македонија. Изграден кон средината на XVIII век од делкан камен со само еден лак според плановите и од страна на Мимар Хајрудин — архитект на Стариот мост на Неретва во Мостар[1] и ученик на прочуениот архитект Мимар Синан.

Кон Лазарополе. 1400 метри надморска. Мала прошетка низ селото. Куќи со прилично зачувана традиционална архитектура и еден прекрасен објект “Калин Хотел”, каде и решаваме да ручаме. Ракија, салата со овчо сирење (таму друго сирење не постои), превкусен пекарски компир и месо. Цени? Па поевтино за 20-30 % од Скопје. Објектот порано бил Дом на културата, такви има во секое село, во поранешниот систем се негувала културата и во селата. Денеска реновиран со вкус, но со зачувана архитектура. Прекрасно место, љубезни домаќини, хигиена на ниво. Сè ми се чини дека ние во град треба да станеме селани. И така опиени од воздухот и убавините веќе е 19 часот. Да го фатиме патот за Струга со ден.

Зошто се убави патувањата? Заради враќањата дома. До следна прилика низ Македонија.

П.С. За во автомобил препорачувам убава традиционална македонска музика.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели