јуни 23, 2021

Дефекти во Законот за употребата на македонскиот јазик

Законот за употребата на македонскиот јазик е ДЕФЕКТЕН затоа што со ниту еден свој член не го унапредува и реално не го штити македонскиот јазик. Прашањето за Законот за употреба на македонскиот јазик го актуелизирам сега со цел да укажам дека тој не само што не функционира како што треба , туку воопшто не функционира зашто за заштитата на македонскиот јазик допрва треба да се водат битки на поширок фронт, а за тие битки не се доволни само „специјалните единици“ од јазични „лавови“, туку е потребна една цела јазична „армија“.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Стефан Симовски - 4

Јазикот е социјален феномен!

Законот за употреба на македонскиот јазик, што го донесе Собранието на Република Македонија на седницата на 22 јануари 1998 година, кој истиот ден беше потпишан и од тогашниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, и покрај тоа што подолго време за него никој не се искажува негативно, сепак не е перфектен, туку дефектен!
Откако Законот за употребата на македонскиот јазик влезе практично во сила негативни оценки за него беа искажани единствено во дневниот весник „Македонија денес“ (во текот на април 1999 година). Согласно Законот лектори на текстови на македонски јазик можат и смеат да бидат само оние што завршиле студии на групата Македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, па дури и не сите тие туку само оние што дополнително ќе минат низ „решетото“ на Комисијата за полагање испит за лектор при Министерството за култура.
Јас тврдам дека секој оној што на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ во Скопје завршил англиски, германски, француски или кој било друг светски јазик, се разбира ако пројави посебна љубов кон проучувањето на македонскиот јазик, може да биде добар лектор и да даде значаен придонес во унапредувањето и заштитата на македонскиот јазик.
Ова ќе го поткрепам со следниот податок: Еден од долгогодишните лектори на енциклопедискиот речник на францускиот јазик „Ларус“ е истакнатиот современ француски поет Жак Рубо, кој по професија е математичар со светско реноме!
Уште еден пример: членовите на Француската академија, која брои само 40 члена, имаат една единствена задача: унапредување на францускиот јазик. И покрај тоа во неа не членуваат само оние што завршиле француски јазик, туку меѓу нив има писатели, публицисти, свештеници, маршали, историчари, политичари, економисти, биолози, амбасадори, преведувачи итн. затоа што јазикот е социјален феномен.
Законот за употребата на македонскиот јазик е ДЕФЕКТЕН затоа што со ниту еден свој член не го унапредува и реално не го штити македонскиот јазик.
Имено, во ниеден член на Законот не е нагласено дека службените текстови од законодавната , извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите треба да бидат напишани на нормативен македонски јазик. Место ова во Законот стриктно е наведено дека сите овие текстови цитирам „задолжително се лекторираат на македонски јазик“.
Тоа е сè што нуди Законот! Значи кога еден текст е прегледан од лектор што го положил лекторскиот испит тој текст е веќе „најисправен“, па дури и ако воопшто не е во согласност со нормативите на македонскиот стандарден јазик. Во овој случај Законот е немоќен, а и сите ние што ќе ги констатираме евентуалните грешки во одделни текстови, ќе останеме немоќни зашто никаде во Законот не е назначено дека лекторот ќе одговара ако не си ја завршил совесно задачата.

Законот не функционира како што треба!

Иако Законот за употреба на македонскиот јазик предвидува ригорозни казни за непочитување на јазичните норми, тие не може да бидат спроведени во праксата. Сосема поинаку би било доколку во Законот би стоело: „Со парична казна од 10 000 до 200 000 денари ќе се казни за прекршок правното лице што ќе објави текст што не е во согласност со актуелниот правопис и со установените норми на македонскиот стандарден јазик.“
Една ваква законска одредба која не смееше да ја нема во Законот ќе придонесеше за заштита на нормативниот македонски јазик. А со овој Закон засега заштитата им останува да ја обезбедуваат само „новопечените лектори“ со положен лекторски испит.
Во овој контекст ќе споменам дека овој Закон е дефектен и поради тоа што не предвидува задолжително лекторирање и на оригиналните книжевни дела од македонски автори. Тоа всушност не е поради превид, туку е резултат на традиционалната заблуда зашто сè уште под синтагмата „македонски писател“ веднаш си ги претставуваме мајсторите на пишаниот збор: Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Васил Иљоски, Петре М. Андреевски (за жал веќе сите се починати), а забораваме дека денес имаме писатели , кои како што би рекол великиот мудрец Кирил Пејчиновиќ „(х)абер си немаат“ од правописот на македонскиот јазик.
Прашањето за Законот за употреба на македонскиот јазик го актуелизирам сега со цел да укажам дека тој не само што не функционира како што треба , туку воопшто не функционира зашто за заштитата на македонскиот јазик допрва треба да се водат битки на поширок фронт, а за тие битки не се доволни само „специјалните единици“ од јазични „лавови“ туку е потребна една цела јазична „армија“.

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •