јуни 21, 2021

Бугарија ја продолжи вонредната состојба, Хрватска размислува за заострување на граничниот режим

корона вирус

Владата на Бугарија донесе одлука да ја продолжи вонредната состојба до 15 јули поради новиот бран на заразени со новиот коронавирус, изјави бугарскиот министер за здравство, Кирил Ананиев.

Бугарија неодамна ги намали рестриктивните мерки, но минатата недела поради 606 нови случаи, што е најголем неделен пораст на позитивни случаи  во земјата од почетокот на пандемијата, одлучи да ја продолжи вонредната состојба.

Утрово се евидентирани нови 130 случаи, со што вкупниот број на позитивни случаи во Бугарија е 4.114, а починати се 208 лица. 

Хрватскиот министер за внатрешни работи и шеф на Националниот штаб за цивилна заштита Давор Божиновиќ најави нов граничен режим за граѓаните на БиХ и на Србија, кој би можел повторно да вклучи обврска за двонеделна самоизолација.

– Ја следиме епидемиолошката ситуација во земјите од соседството и она што го регистрираме последните денови се инфекциите кои пристигнуваат, односно кои ги носат луѓето кои најголем дел доаѓаат од државите во нашето источно соседство, нагласи Божиновиќ.

Тој додаде дека денеска Националниот штаб ќе одржи состанок, на кој веројатно ќе одлучи за измена на режимот при влез од Србија, БиХ, Црна Гора, Македонија и Косово.

Одлуката која ќе биде усвоена ќе стапи во сила од полноќ следниот ден.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •