јуни 21, 2021

Пари, лаги и долгови

Најголемиот проблем на македонскиот буџет се погрешните (или штелуваните) проекции. Од осамостојувањето до денес не поминал буџет без ребаланс, па дури и ребалансираните буџети не се остварувале. Каква е сликата сега кога буџетот мораше принудно да се ребалансира уште после првиот квартал?!

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Стефчо Негриески

Кога правиме буџетирање и по дома, секогаш тргнуваме од нашите претпоставени приходи. Така се крои и државниот буџет, за да имаш да трошиш мора и да приходуваш. Приходите на буџетот се директно зависни од она што ќе го сработи претежно реалниот сектор, или од вкупната економска активност и таа економистите ја викаат “бруто домашен производ” или скратено БДП. Проекциите за БДП за 2020 година изнесуваа 11,65 милијарди евра. Од овие пари Владата проектира државен буџет од околу 3,6 милијарди евра, што преставува 30 % од БДП.

Буџет на РМ за 2020 и ребалансот од април
Извор: Министерство за финансии

Со ребалансот на буџетот Владата предвидува намалување на приходите за 25,5 милијарди денари или 415 милиони евра, а во исто време ги зголемува расходите за 3,55 милијарди денари или безмалку 55 милиони евра. Со ова дефицитот го крева од 17,385 милијарди денари или 283 милиони евра на 46,18 милијарди денари или 751 милиони евра. Ова значи едно, дека на крајот на годинава јавниот долг ќе биде зголемен за најмалку 751 милиони евра. Велам најмалку, а ќе биде барем уште толку. Зошто? Затоа што проекцииве се правени врз основа на погрешна проекција за падот на БДП, намерно или ненамерно?! Тоа треба да го каже министерката за финансии. Имено, сите може да се присетиме на изјавите на министерката од почетокот на кризава, дека во буџетот ќе фалат 1,2 милијарди евра. Колку и да не сакаме да слушаме вакви бројки, министерката тогаш беше пореална отколку после тоа кога проектираше пад од 3,4 % на БДП.

Но, зошто проекцијата за БДП е таква? Според мене, се работи за чисто политички мотиви, пред избори да се покажат убави бројки. Оваа влада и пред кризава покажа дека тера по истите принципи во раководењето со јавните финансии. Прво, при носењето на буџетот за 2020 година, спремајќи се за избори, го скроија најмегаломанскиот буџет со зголемување од 400 милиони евра во однос на 2019, на проектиран раст од 3,5 % на БДП. Само за да можат да се расфрлаат пред изборите, истото што го правеше и Владата на Груевски.

Второ во нецели 3 години, го зголемија јавниот долг за 849 милиони евра (заклучно со прв квартал од 2020) или просечно по околу 300 милиони евра годишно. Колку за споредба, Владата на Груевски за 10 години (2006-2016) го зголеми јавниот долг номинално за 2,893 милијарди евра или 289 милиони годишно. Ако тоа не чинеше (а не чинеше), ова треба сега да чини?!

И трето, доколку сега го проектираа БДП на -15 % (1,2 милијарди помалку во буџет одговара отприлика на пад на БДП од 15 %), јавниот долг изразен како процент од БДП, ќе скокнеше од сегашните 50,7 % на 56 %. Имајте на ум дека ова е пред последниве задолжувања.

Извор: Министерство за финансии
Извор:Министерство за финансии

Сега да се навратиме повторно на проектираните -3,4 % на БДП. Доколку намалувањето е толкаво, тоа во апсолутна бројка би изнесувало 396 милиони евра помал БДП. Видовме и погоре дека буџетот на државава е 30 % од БДП, што значи дека при ваков пад каков што проектира МФ, намалувањето на приходите во буџетот би било околу 130 милиони евра. Во овој случај се поставува прашањето зошто се овие силни задолжувања од околу 1 милијарда евра, а уште не е помината ниту половина година?! И уште, зошто приходната страна на буџетот е скратена за цели 415 милиони евра (како што видовме и погоре? Ова се моите прашања за министерката.

Сега со нетрпение го чекам завршувањето на вториов квартал од 2020 кога малце појасна ќе стане сликата за оваа ујдурма. Затоа некој толку се брзаше за избори. Новата Влада нема да има лесна задача, со оглед на ограничени или никакви можности за кредитирање. Плус економската криза допрва ќе се продлабочува. Кој ќе преживее нека раскажува.

Дотогаш, следиме кампања и здравствена статистика.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •