јуни 19, 2021

Министерство за здравство: Не е точно дека Комисијата не даде препорака за отворање на границите

Министерство за здравство

На веста дека Комисијата за заразни болести не предложила датум за отворање на границите и на аеродромите, експресно се јави Министерството за здравство (МЗ) од каде ги демантираат таквите наводи. Препораката, велат од таму, била усвоена на состанок на 22 јуни и била доставена до Владата.

„Во врска со објавените написи дека Комисијата за заразни болести не препорачала отворање на границите, Министерството за здравство целосно ја демантира информација како невистинита и информира дека на состанокот на Комисијата на заразни болести од 22 јуни, Комисијата донесе одлука за препорака за отворање на границите и таа одлука заедно со другите одлуки и препораки за отворање на економски субјекти се доставени до Владата на Република Македонија“, пишува во соопштението на МЗ.

Прашањето се отвори по денешната прес-конференција на која премиерот Оливер Спасовски рече дека одлуката за отворање на граничните премини без никакви ограничувања од петок, не била политичка туку била донесена на предлог на Комисијата за заразни болести. Потоа порталот sdk.mk, повикувајќи се на извор од Комисијата за заразни болести, објави дека телото при Министерството за здравство не предложило конкретен датум за отворање на границите.

На прашање дали Комисијата го предложија 26 јуни како ден за отворање на границите, нејзиниот претседател Жарко Караџовски упатил на одговор кај премиерот.

Ниту работата на трговските центри и молови, теретаните и внатрешноста на угостителските објекти биле тема на дискусија во Комисијата за заразни болести. Од таму истакнуваат дека протоколи се донесени, но, како што објави sdk.mk, не е препорачан датум за нивно отворање што го образложуваат со бројките на епидемиолошката статистика.

Вицепремиерот во Владата, Бујар Османи вчера преку Фејсбук порача дека е време за отворање на границите и на аеродромите. Денеска премиерот Спасовски истакна дека одлуката не е политичка и не треба да се поврзува со изборите, туку е донесена, како што рече, врз основа на анализи и препораки на Комисијата за заразни болести.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •