јуни 21, 2021

За мирот

Ивица Тодоров

“Бескраен мир имаат оние кои го љубат законот Твој,
и во нив сопнување нема.
(Псалм, 119, 165)”

Кога зборуваме или пишуваме за мирот и миротворството, ние всушност зборуваме или пишуваме за Бога.
Без Бога не е можно да се зборува или пишува за мирот и миротворството. Зошто? Затоа што без познание за Бога, без Неговото присуство во нас, е неможно да знаеме што е вистинскиот мир во суштина. Најчесто, без Бога, под мир или спокој се подразбира состојбата во која нашето его, нашата лажна престава за себе, за светот, нашите егоцентрични интереси не се предизвикувани и дразнети од некои внатрешни или надворешни фактори. Но ако истите тие бидат надразнети или предизвикани тогаш таканаречениот “мир” веднаш се претвара во гнев, омраза, суровост, желба за уништување, насилство. За оваа разлика не’ опоменува и нашиот Господ Исус Христос со следните свои зборови:
” Мир ви оставам; мирот свој ви го давам. Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да страхува. (Јован. 14, 27)”.

А светиот Силуан Атонски за истото не’ поучува со следните зборови:
” Душата која е обседната со грешни страсти не е можно да има мир во себе, ниту да се радува во Господа, дури и кога би владеела со сите богатства од овој свет, па дури и кога би царувала над сета земја. Кога на таквиот цар некој би му пристапил и, додека тој онака весело седи на престолот, одеднаш би му рекол: “Царе, сега ќе умреш”, неговата душа ќе се смути, ќе трепери од страв.”

Но што всушност се подразбира под МИР?

Во контекст на православната христијанска духовност под мир, односно, под внатрешен мир се подразбира онаа состојба на личноста која е плод од љубовната средбата со нејзиниот Творец и Промислител. Во таа и по таа средба во битијните длабочини на личноста се зародува плодот на помирување со Творецот, со самата себе, со личностите који ја опкружуваат, со целото Божјо создание.

Сиот немир и хаос кој бил предизвикуван од семињата на злото (гордост – суета – егоизам – страст – лага – лакомоста – деструкција. .) започнува да исчезнува под топлите љубовни зраци на доброто, вистината и останатите вредност на постоење на Царството Божјо.

Во тој процес личноста се хармонизира, стекнува мир, како со себе и во себе, така и со и во Бога. Како последица на ова хармонизирање, на овој мир, се раѓа желбата и мотивацијата истото тоа да се засведочи, да се рашири низ и во Божјите созданија. Односно, личноста, како син или ќерка на Небесниот Татко, стекнува љубовна жртвена одговорност за сите оние што страдат во овој свет, што се жртви на злото и насилството во секоја нивна форма. Оваа состојба Исус Христос најдобро ја разоткрива кога на своите ученици им вели дека како миротворци, односно, како оние кои го градат и одржуваат овој мир, ќе стекнат блаженство и ќе го оправдаат тоа што се нарекуваат духовни синови и ќерки Божји. (Матеј. 5, 9)

Како музика во ширење
Како бран светлоткаен
Како глас на родител
Како радост во сон
Како прегратка спојна
Како подадена рака
Како мирис пролетен
Како утешен збор
Како молитва услишана
Како вечност насмевната
МИР!

Автор: Презвитер Ивица Тодоров

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •