јуни 23, 2021

100 милиони евра годишно

Земјоделството е бунар без дно. Да фати човек да го анализира не знае од каде да почне?! Затоа, најдобро е од крајот.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Стефчо Негриески

Поминаа 13 години откако почна сериозното “субвенционирање” во земјоделскиот сектор, од времето кога Груевски и Рамковски беа најдобри другари. Иако зборот субвенционирање не е адекватен за намената на тие средства, оти да субвенционираш некого значи да му покриваш загуби. А производството на храна е сериозен бизнис кој треба да носи сериозни профити. Само не кај нас. Затоа и таа програма има име “Програма за директни плаќања во земјоделството”, што би значело дека им се помага на фармерите во зголемување на приходите, заради вложувања во нови технолошки достигнувања во ова производство. А фала Богу земјоделството денес, барем онаму каде што се работи сериозно, е научна фикција. Тешко, а и непотребно би било во овој момент да се навраќаме на извршувањата на буџетите наназад, но отприлика ми изгледа дека во овие 13-тина години во овој сектор, граѓаните на Македонија (наш е буџетот, а не на Владата), вложиле околу 1 милијарда евра. Или, ако земеме дека Македонија има 2 милиони жители, секој од нас вложил по 500 евра. Значи едно просечно четиричлено семејство 2000 евра, или два добри одмори. Па затоа, најлегитимно е секој да го праша министерот за земјоделство што е постигнато со овие средства?!

Во најдобар случај, ако сакаме да ги прикажеме работите розови, би кажале дека “летаме во место”, иако од моја перспектива ние сме страшно уназадени со оглед дека другите напредуваа и го зголемија јазот.

Користени земјоделски површини 2018-2019
Извор Државен завод за статистика
Користени земјоделски површини 2007-2017
Извор ДЗС
Број на животни 2011-2015
Извор ДЗС

Од приложените табели лесно може да се заклучи дека се намалуваат обработливите површини, но она што мене повеќе ме загрижува – опаѓа бројот на животни, затоа што сточарството генерира додадена вредност во земјоделското производство, а со самото тоа генерира поголеми но и посигурни секојдневни приходи за фармерите. Но, дури и ова не е најстрашното, мене многу повеќе ме загрижуваат ниските просечни приноси по единица капацитет – по хектар односно по грло.

Вкупно производство на млеко, волна, јајца и мед како и просечен принос по единица производен капацитет 2011-2015
Извор ДЗС

Од табелата можеме да видиме дека просечен принос на млеко по молзна крава изнесува 2.828 литри, што е намалување во однос на 2011 година. Рекордер е Израел со преку 11.000 литри/молзна крава. Од опкружувањето еве ќе се споредиме со Србија – 4.000 литри/молзна крава.

Кај овчото млеко има некакви подобрувања во однос на 2011 година, и по вкупна количина и по просечна млечност по молзна овца. Но, вредно е да се напомене дека овчарството како сточарска гранка е најдесеткуваната, со оглед на тоа дека бројката од преку 2 милиони грла на почетокот на ’90, во 2015 е сведена на околу 700 илјади грла, а според мои сознанија таа бројка сега изнесува од 400-500 илјади овци. Просекот е низок, но не можеме да го споредиме, затоа што Македонија е веројатно последната земја каде овците воглавно се одгледуваат за млеко, а не за месо. Волната нема да ја коментираме со оглед на тоа што е небитен производ во денешно време.

Огромен пад може да се забележи и кај производството на јајца и тоа за скоро 30% кај вкупниот број на јајца. Но за мене, доколку сум јас пишувач на земјоделските политики, шок би преставувало просечната несивост по кокошка од 150 јајца во 2015 година, што е пад од над 20% во однос на 2011 година. Страшно загрижувачка бројка, со оглед на тоа дека во индустриско производство несивоста не би требало да биде под 0,9 јајца дневно/кокошка, што значи над 300 јајца годишно/кокошка.

За медот исто така би рекол дека Македонија е мал производител и небитна па и во регионални рамки, но секако производството на мед може да претставува важна гранка во земјоделското пеоизводство. Тука, на и тоа мало производство падот е огромен. Само би спомнал дека просечното производство на мед во светски рамки е околу 25 кг мед/пчелно семејство, а кај нас 9.

Истото се случува и кај растителното производство. Еве ќе ја земеме за пример пченицата како најзастапена растителна култура. Во 2017 година, просечните приноси се под 3000 кг/хектар, за разлика од да кажеме Данска каде приносите се над 7000 кг/хектар, или Албанија каде приносите се над 4000 кг/хектар.

Просечен принос на некои култури 2007 – 2017 година
Извор ДЗС

Сега тука морам да прекинам оти ова ќе испадне дипломска работа. Во оваа анализа видовме дека силните средства фрлени во земјоделскиот сектор не даваат никакви резултати, уште повеќе ситуацијата од година во година е се полоша. Исто така, ги начнавме главните проблеми со кои се соочува ова производство, а тоа е екстремно слабата продуктивност. Во некоја следна прилика ќе се осврнеме на тоа како директните плаќања треба и можат да бидат алатка како да се подобрат бројките, а не гол популизам.

И за самиот крај, немојте да се чудите кога во маркет ќе видите странски производи кои се прилично поевтини од нашите. Со самото тоа што тие се попродуктивни и нивните производи стануваат поконкурентни.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •