јуни 20, 2021

Учебната година заврши, следната императив е надминувањето на проблемите

Стефан Симовски-1

Оваа учебна година како последица од пандемијата заврши со далечинско учење. За жал, уште официјално не се знае дали следната учебна година ќе почне со настава во училишните згради или со далечинско учење. Се разбира состојбата тешко може да се предвиди и неблагодарно е да се даваат какви било прогнози во услови на пандемија. Но тоа што сите чинители во овој процес го очекуваат е дека ако наставата и од 1. септември продолжи да се реализира преку далечинско учење проблемите со кои беа соочени оваа учебна година успешно да се надминат.

Затворањето на училишните згради на 11 март годинава како последица од пандемијата првично резултираше со прекин на наставата. Прекинот на наставниот процес официјално траеше околу две седмици, односно до 23 март кога беше донесена уредба за продолжување на наставниот процес, но единствено преку далечинско учење. При донесувањето на оваа уредба чинителите во овој сложен процес наставниците, родителите и учениците сосема очекувано беа затечени. Ниеден од чинителите во овој процес не беше консултиран дали и на кој начин е во можност да продолжи да реализира настава. Познато е дека најголемиот дел од државните училишта располагаат со застарена компјутерска опрема, па со оглед на тоа наставниците и учениците популарно наречената „он-лајн“ настава мораа да ја реализираат од дома на сопствен трошок и главно со застарена компјутерска опрема со која не можат активно да работат на официјалната платформа креирана од Министерството за образование и наука „ЕДУИНО“.
Имено, ползувањето на добрата на оваа платформа налага инсталирање на современ софтвер и компјутер со високи перформанси. За волја на вистината Министерството за образование и наука склучи договор со соодветен оператор за бесплатен интернет за социјално загрозените семејства. За жал, се покажа дека бесплатниот интернет сам по себе не е доволен за да успее да ги реши проблемите.
Мора да се има предвид и тоа дека наставниците воопшто немаат соодветна обука за реализација на ваков вид настава, ниту располагаат со соодветни наставни средства, наставни планови и програми изготвени од Бирото за развој на образование за нејзина реализација. Во настава во вонредни услови исто така енормно е тешко да се постават објективни критериуми за оценување. Оценувањето при далечинско учење бара дополнителен напор од наставникот и дополнителен ангажман од ученикот, но и од родителот.

Проблемите се познати, надлежните се на потег!

Наставниците се принудени како знаат и умеат со техника и технички можности со кои сами располагаат, претежно со сопствени ресурси и сопствен интернет (со кој дел од нив и не располагаат) да го реализираат далечинското учење.
Непосредно пред крајот на третото тромесечје, безмалку една седмица по воведувањето на далечинското учење (уште на почетокот на месец април годинава) на површина „испливаа“ проблемите со кои беа соочени наставниците и учениците. Слабата интернет врска, најголем дел од домаќинствата главно располага со еден компјутер, а некои имаат две и(ли) повеќе деца, па најчесто браќа и сестри на различна возраст беа принудени да реализираат он-лајн настава во иста соба и во исто време.
Креирањето алтернативни решенија од страна на надлежните без јасна стратегија и наредната учебна година повторно ќе претставува импровизација. Според последните најави на одговорните од Министерството за образование и наука станува извесно дека наставата во училишните клупи ни од септември нема да може да продолжи, а тоа значи дека е можно следната учебна година да почне со далечинско учење.
Се разбира треба да размислуваме и за тоа дека во услови на епидемија (во случајов пандемија) кога здравјето е приоритет, Законот предвидел и поинакви законски решенија. Впрочем секој од нас во ваков сплет на околности би се согласил дека здравјето е поважно од наставата и оценките. Далечинското учење во никој случај не може да ја замени интерактивната настава која се реализира исклучиво во училишните клупи. Од тие причини стресот и кај учениците и кај родителите и кај наставниците може да се намали, но само ако надлежните од следната учебна година покажат многу посериозен пристап кон решавање на проблемите со кои сите чинители се соочија оваа учебна година.

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •