јуни 19, 2021

Експлозија во дуќанот на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски

20200621-152144

Во семејната продавница на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски утрово околу 3:00 часот била фрлена експлозивна направа. Како што информираат од МВР, во 3:40 часот било пријавено дека на улицата „Ѓорче Петров“ излегувал чад од пекара, во сопственост на Б.М. (62), а претходно се слушнала детонација. Влезната врата била целосно извадена од лежиштето и причинета била материјална штета, но немало повредени лица. Од МВР информираат дека постои основано сомнение дека се работи за подметната експлозивна направа.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски ја потврди веста, алудирајќи дека настанот е направен од политичките противници во пресрет на почетокот на кампањата за парламентарните избори што треба да се одржат на 15 јули. Владо Мисајловски е носител на изборната листа во изборната единица 2. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски директно го обвини СДСМ дека стои зад настанот.

„Овде не се работи за ’случаен‘ пожар каков му се случи на Владо Мисајловски пред неколку години, туку за јасна намера. Да не заобиколувам или да се трудам да бидам дипломатски коректен, одговорноста за ова е на власта на СДСМ. Таму треба да се бараат нарачателите и инспираторите на сето ова“, напиша Христијан Мицкоски на „Фејсбук“.

Од владејачката партија СДСМ го осудија настанот и ги повикаа надлежните институции до крај да го истражат овој настан и да го најдат сторителот. 

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •