јуни 19, 2021

Продолжува уривањето на охридската страна на езерото

После завршувањето на уривањето на плажата “Горица трета”, уривањето продолжува во населбата Лагадин, каде концесионерите добиле Решенија за уривање, па некои од нив сами ги отстрануваат нелегалните градби.

Револтирани, не сакаа да зборуваат пред камера.  Велат  не се сите концесионери  во ист кош, некои граделе по проекти и плаќале концесии до  2018 година, сè додека имале валидни договори. Еден од нив е и Љупчо Настоски концесионерот на плажата „Акапулко“ во Лагадин. Тој вели градел по проекти и елаборати а редовно плаќал закупнина  до 2018 година, кога и му завршил договорот за концесија. 

Охриѓани велат треба да се зачува еколошката средина на брегот на Охридското езеро, но не смее во ек на сезона да се прават рушевини по плажите.

Градоначалникот  Константин Георгиевски вчера рече не се уриваат плажите, туку бетонските чудовишта кои изминатите години се изградиле на крајбрежието.

Тој уште по донесувањето на владината Уредба за враќање на плажите во првобитна состојба, рече дека тоа е патот за исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Министерот без ресор и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми, појасни дека откако плажите ќе бидат вратени во првобитна состојба, истите ќе бидат вметнати во Планот за управување со Охридското Езеро, а потоа општините Охрид и Струга да можат да носат одлука дали ќе распишуваат повици за стопанисување, која плажа ќе се издава, за каква намена и слично.

И додека на охридското крајбрежје се урива, на струшкото  угостителите на плажите си чекаат туристи. На некои локации  се градат нови објекти , а општината и концесинерите најавија дека нема да уриваат и ја обжалија Уредбата на Владата на Уставен суд.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •