јуни 22, 2021

Анкета: Само 44,4% ќе излезат на гласање, во споредба со 64,6% во април

Зголемениот број новозаразени, трендот на зголемување на оваа бројка заедно со бројката на починати предизвикаа сериозно поместување во расположението на граѓаните за учество на предвремените парламентарни избори закажани за 15 јули.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
mkd-470593

Ако во април 64,6% од анкетираните граѓани се изјасниле дека ќе излезат на гласање, последното испитување на јавното мислење покажува сериозен пад на таа бројка – само 44,4%.

Ова го покажува последното истражување на МКД.мк што го спровела агенцијата Маркет вижн од 13 до 18 јуни.

Интересен е и фактот што во април 14,3% од анкетираните се изјасниле дека ќе ги бојкотираат изборите, додека сега за бојкот се изјасниле 24,9% од граѓаните. Оваа запрепастувачка бројка воопшто не е за занемарување и одговара на бројот на гласови што ги добива победничката партија на избори, а индицира дека многу од граѓаните на Република Македонија се разочарани и не гледаат вистински избор за нив на политичката сцена.

54,6% од граѓаните сметаат дека избирачките места се ризични за ширење на коронавирусот.

Имтересен податок од анкетата е и фактот што 32,3% од испитаниците сметаат дека вирусот не е толку опасен како што се прикажува, додека 2,7% воопшто не веруваат дека тој постои. Ова зборува за неуспехот луѓето сериозно да ја сфатат опасноста од коронавирусот и да се придржуваат на мерките за заштита, како што се носење маски во затворени простории, несобирање во голем број, како и редовно миење на рацете.

Анкетирањето било спроведено од 13 јуни до 18 јуни 2020 година со употреба на CATI метод ‐ телефонско анкетирање со помош на компјутер, на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 6% (+‐3%); интервал на доверба: 95%). Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол и возраст во однос на процените за населението од Државниот завод за статистика од 2017 година. Заради споредливост на резултатите, албанската популација во примерокот е застапена со 22%.

Целата анкета може да ја погледнете на МКД.мк.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •