јуни 20, 2021

Повисоки оценки за подобра иднина

Стефан Симовски - 3

Македонското образование годинава првпат се соочи со феноменот далечинско учење. Но дали дигитализацијата што ја наметнува пандемијата сама по по себе ќе му помогне на нашето образование во следната деценија да им станеме поконкурентни на некои од водечките држави во светот (според ПИЗА студијата) како што се Кина, Финска, Јапонија и Јужна Кореја? Можеби, но само ако престанеме да ја туркаме главата во песок и се зафатиме со крајно нужни и сеопфатни суштински реформи на уписната политика и креирање на одржливи механизми за следење на напредокот и постигањата на учениците. Живееме во свет во кој постои глобален натпревар, а квалитетното образованието е одлучувачки фактор за економски просперитет на една држава.

Во една пригода прочитав статија во врска со образованието во Јужна Кореја објавена во еден германски дневен весник. Меѓу одговорите на интервјуираните ученици вниманието ми го привлече одговорот на еден корејски ученик: „Кога ќе добијам лоша оценка, посакувам да умрам.“
Оваа изјава покажува дека учениците во Јужна Кореја се под огромен психички притисок. Очигледно во оваа азиска земја многу нешта зависат од оценките: само со одличен успех може да се најде добро платено работно место, само одличните ученици може да се запишат во средно училиште и на факултет. Се разбира ова добро го знаат родителите во оваа азиска држава, па уште многу рано почнуваат да ги подучуваат своите деца (според некои извори штом наполнат три години) запишувајќи ги во соодветни предучилишни установи. Несомнено и подоцна во текот на задолжителното образование тие продолжуваат да им помагаат на своите деца во учењето до доцните вечерни часови. Во оваа азиска земја очигледно се е подредено на одличните оценки. Од тие причини најголемиот дел од учениците во Јужна Кореја имаат одлични оценки. Надарените и помалку надарените ученици вложуваат големи напори за да постигнат успех во школувањето.
Ова го потврдуваат и резултатите од последната ПИЗА студија од 2018 година направена во 78 земји и региони во светот. Јужна Кореја котира високо на ранг-листата. Оваа азиска земја е во првите шест на листата во трите опфатени категории математика, читање со разбирање и природни науки. Само за споредба највисоко пласирана европска земја на оваа ранг листа е Естонија која на последната студија и го зеде долгогодишниот примат на Финска. Овие две се единствените европски земји со резултати блиски до Јужна Кореја. Во поглед на земјите од регионот опфатени со последната ПИЗА студија од 2018 година единствено полошо пласирано од Македонија е Косово.

Зошто Македонија е засегната?

Првото нешто на што помислуваме споредувајќи ги нашите ученици своите врсници од Јужна Кореја е дали нашите ученици се подложени на ваков притисок. Нашите ученици треба да бидат среќни затоа што притисок од таков вид не е присутен. Зар има нешто пострашно од тоа малолетник да помислува да изврши самоубиство само поради добиена слаба оценка? Впрочем слабите оценки се составен дел на училишното секојдневие.
За да го поткрепиме ова ќе направиме споредба со Финска. Во Финска речиси не постои притисок за одлични оценки, но Финците во светски рамки (според ПИЗА студијата) котираат исто толку добро колку и Корејците. ПИЗА студијата е светски призната меѓународна образовна студија (за ученици на возраст до 15 години) според која се ориентираат бизнис круговите во светот. Тоа значи дека според добиените резултати од оваа студија како родител ќе знаете како да го насочите вашето 14 годишно дете. Пласманот на земјите според ПИЗА студијата подразбира давање на соодветни показатели за идниот економски развоен потенцијал на човечките рерсурси на една земја. Не смееме да го занемариме фактот дека живееме во глобален свет во кој квалитетното образование значи загарантирано работно место. Конкуренцијата во светот станува глобална, па без соодветно образование не може да добиете работно место. Предностите се во квалитетно насочено средно и високо образование. Положената матура сама по себе во глобалниот свет нема некое големо значење во однос на добивањето работно место. Со завршување на факултет шансите за добро работно место се зголемуваат. Во глобалниот свет на инвеститорите им е сеедно дали за него ќе работат Кинези, Финци, Естонци, Корејци… Според ПИЗА студијата Јужнокорејците се многу подобри математичари и физичари од учениците од балканските земји, па гледано од таа гледна точка би значело дека инвеститорите во иднина ќе настојуваат да отвораат фабрики во Кина или Јужна Кореја.

Стефан Симовски-2
Во Советот на Европа во Грац, Австрија

Клучот на успехот лежи во суштински реформи во образованието

Се разбира последиците од економскиот развој не се чувствуваат веднаш, туку по десет или дваесет години. Економијата во земјите со поквалитетно образование и нешто понизок стандард ќе биде во подем. Овие земји ќе привлекуваат повеќе инвестиции, а тоа значи и отворање на нови работни места. Затоа една од клучните задачи на македонската образовна политика во следните години е подигнување на квалитетот на образованието во Македонија преку суштински реформи. Тоа е исто толку важно како и пронаоѓањето на нови суровини и иновативни технологии. Благодарејќи на референтната ПИЗА студија располагаме со прецизни параметри како котира нашето образование во светски рамки. Затоа постои потреба од сеопфатна реформа на уписната политика во средните училишта која ќе се потпира на објективноста на оценката добиена од наставникот преку создавање на одржливи механизми за следење на напредокот на постигањата на учениците и наставниците.
Контрапродуктивно е да креваме паника околу добивањето слаби оценки. Финското образование е одличен пример како нашите ученици може да постигнуваат добри резултати без да бидат изложени на поголем притисок.

Автор: Стефан Симовски (авторот е професор по германски јазик и книжевност)

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •