јуни 23, 2021

(Не)владините

Стефчо Негриески

На седница на 5 јуни во вечерните часови, Владата носи одлука со која 500 илјади евра од буџетот се пренаменуваат и ќе се распределат на невладините организации за проекти за справување со ковид-19 кризата. На 6 јуни Владата го објавува повикот за поднесување на проекти од страна на заинтересираните невладини организации, во кој го определува 11 јуни како краен рок за поднесување на апликациите. На повикот се пријавуваат дури 546 невладини организации. И сега доаѓа шокот (иако и самиот рок за поднесување на пријави е прилично шокантен, само 5 дена за да се спремат апликациите), на 13 јуни излегува список со одбраните 40 организации кои меѓу себе ќе поделат од 600 – 900 илјади денари секоја, за справување со ковид-19. Ова значи дека во 48 часа, Комисијата за евалуација, евалуирала еден проект на секои 5 минути, без притоа членовите да отидат дома да дремнат!?

Втора работа, која мене барем ми се наметнува како нелогична, се критериумите за оценување на поднесените апликации или “проекти”, ако повеќе милувате така?! Кога би се ставил во улога на евалуатор во оваа постапка, јас навистина би им доделил веројатно максимален број на бодови на сите апликации. Зошто? Затоа што истите се премногу општи и не обезбедуваат јасно и непристрасно бодување од страна на евалуаторите. Еве ќе ви дадам еден пример: Сакам да купам автомобил и кажувам дека имам на располагање 500 илјади евра (сличноста со она на “М” е само случајна). И уште ви кажувам дека автомобилот треба да е во возна состојба. Што мислите? Каков автомобил ќе ми биде понуден? Фиат 500 од ’78 година, или во најдобар случај Форд Ка од ’99!!!

Критериумите по кои е извршена евалуацијата

Во време на тешка економска криза, кога буџетот дише на шкрги, а здравствените работници немаат доволно заштитна опрема, Владата решава да подели половина милион евра, без јасни барања што треба невладините да сработат. Се поставува прашањето, зошто баш сега и зошто баш на овој начин?! Можеби е подобро да се купат еден милион заштитни маски и да се поделат на сиромашните?! Или можеби би можеле да испратиме уште 5.000 семејства на одмор, знаете оние кои имаат примања од 15.010 денари и кои не ги исполнуваат условите за ваучер?!

Одговорот почитувани е многу прост, се работи за класичен поткуп во предизборен период. Ниту е ова приоритет, ниту невладините организации се доволно кадарни да можат да спремат вакви проекти за пет дена, ниту пак постои таква комисија која може да изевалуира стотици апликации за 48 часа.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •