јуни 23, 2021

600 милиони евра

Стефчо Негриески

56 километри, 6,5 години, 600 милиони евра, пуштени во употреба – 0 метри. Погодувате, станува збор за автопатот Кичево – Охрид. Почнат во февруари 2014 година, овој проект полека прераснува во парадигма на брзината со која се развива Македонија, но и на неспособноста на државата да имплементира крупни инфраструктурни проекти. Но, веројатно и за корупција, со оглед на тоа дека со фанфари беа најавувани кривични постапки против високи државни функционери, заради водената постапка за набавка, но епилог од нив нема. Нема одговорност ниту за наводно згрешената траса. Но, имаше анекс на договорот за дополнителни 192 милиони евра, исто така склучен во нетранспарента постапка.

Поминувајќи денес по оваа траса, може да се забележи дека динамиката со која се извршуваат работите е слаба. Никаде, освен на излезот на тунелите од страна на Охрид, не може да се види присуство на сериозна градежна механизација. Онаму каде е фрлен нов слој на асфалт загрижува лошиот квалитет на завршените работи но и недоволната ширина на коловозните ленти без доволно место за прописна лента за застанување, која е стандард за автопати. Од страна на Агенцијата за патишта нема никакви информации до каде се работите и колку од кредитот од 600 милиони евра се исплатени на изведувачот по времени ситуации. Нема информации и за тоа дали е пронајдена замена за Трансмет како еден од поголемите подизведувачи, со оглед на тоа дека оваа фирма е во ликвидациона постапка. Постоечкиот пат, посебно од Врбјани до Охрид е доведен до состојба на некатегоризиран пат и е многу небезбеден за сообраќај.

Од она што го гледаме денес на терен, тешко е да се поверува дека изградбата ќе заврши во новиот рок до летото 2021 година. А, можно е и ново анексирање на договорот (второ) во делот на цената на чинење на автопатот, иако и со оваа сума тој чини колку и најдобрите германски аутобани. А, се некако почнува да ме фаќа и страв дека ова може да заврши како и пругата кон Бугарија?!

Можеби парите и ќе ги простиме, но спороста и неспособноста не можеме. Со лопати и копачи не се градат автопати.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •