јуни 6, 2023

Како до подобра држава или за Македонија од мојата молитва

Сакам да живеам во држава каде луѓето слободно критикуваат, но и се отворени да се поучат од критиката! Сакам да живеам во општество во кое неговите членови не се понижуваат и манипулираат, туку се надградуваат и просперираат!

Сподели
 
 
 
   
Ана Јанева

Според мене, иако можам да кажам дека идеална држава не постои, сепак сакам да верувам дека постои доброто во човештвото и затоа сакам да верувам во подобро утре за сите луѓе.

Верувам во држава во која кога ќе се разбудам, првото чувство што ќе ме исполнува е желба за живот. Држава во која взаемно ќе си помагаме, ќе се почитуваме, ќе има слога, без разлика на верска, социјална или етничка припадност, бидејќи само така можеме да просперираме и да се развиваме и како личности и како нација и како општество. Сакам да живеам во држава во која секој човек може да води квалитетен живот, живот без тага и страдање, живот во кој секој човек ќе може да живее достоен живот, секој човек да не се чувствува како роб, туку како достоен член на општеството.

Држава во која сите ќе бидат подеднакво третирани без разлика на религија, раса и пол, во која нема корумпирано општество, насилство, политички измами и поделби.

Држава која е во постојан развој на секое поле и оди напред, а не стагнира и деградира. Секој човек да е битен за општеството и да се вреднува како личност. Сечиј став да се почитува и да биде слушнат!

Сакам и мојот глас да биде чуен и вреднуван бидејќи и јас имам свои права и мојата позиција во општеството сакам да биде почитувана.

Државата треба да ги почитува правата на граѓаните, тие треба да се на прво место, а не да ветуваат “розева” иднина колку да победат на изборите, а потоа да заборават на ветувањата. Партиите и министрите треба да се слуги на народот, а не нивни владетели. Народот и државата не се нивна лична своина!

Државата треба да обезбеди квалитетно образование и здравство! И образованието и здраството треба да се препознаваат преку стручен и квалитетен кадар! И образованието и здраството да бидат достапни и за тие што немаат доволно материјални средства да студираат и да се лечат!

Државата е должна да обезбеди добар и перспективен живот за младите за тие да не мораат да размислуваат да заминат во странство или да студираат и живеат далеку од својот дом.

Во државата, која се движи кон својот идеал, никој нема да биде понижуван или потценет поради тоа што има помалку пари од другиот или нема високо образование, туку во неа ќе се цени трудот, талентот и работата, а не партиската книшка. Државата која ќе се труди да биде правна и правична ќе треба го искорени непотизмот.

Државата, која сака да биде почитувана, треба да го цени патриотизмот, а не национализмот и шовинизмот. Во државата, која се движи кон својот идеал, етиката, моралот и духовност треба да бидат застапени во секој аспект на животот, од верата, културата и науката, па се до политиката!

Верувам во држава во која ќе се почитуваат верските права на секој нејзин граѓанин. Државата не смее да дозволува закони со кои ќе бидат загрозени правата на едни, за сметка на правата на други нејзини граѓани. Верувам во држава во која со законите нема да се озаконува проблематична идеологија или патологија, туку законите треба да се насока кон здраво, градивно и просперитетни општество.

Одговорната држава ќе се грижи воздухот да не биде канцероген, а водите да бидат чисти! Во одговорна држава екологијата не треба да биде нешто за кое само се зборува – туку истата да стане начин на живот.

Во држава со вкус треба да се негува свесноста и одговорноста за култура на живот и однесување, уметноста да цвета, а шундот и кичот да се искоренуваат.

Во држава со осет политичарите треба да се одговорни и чесни, а судиите правдољубиви, а не среброљубиви, лекарите вистински да лекуваат, а професорите суштински да поучуваат.

Сакам да живеам во држава каде луѓето слободно критикуваат, но и се отворени да се поучат од критиката! Сакам да живеам во општество во кое неговите членови не се понижуваат и манипулираат, туку се надградуваат и просперираат!

Македонија, од мојата, можеби и вашата молитва! Македонија за која треба сериозно да се потрудиме – за да ја биде!

Автор: Ана Јанева (ДОДОМА – Движење за организирана духовна обнова на Македонија)

За авторот

Сподели