август 4, 2021

ФДА го повлече одобрението за лекот што го промовираше Трамп: Не е ефикасен за ковид-19

trump

Американската администрација за храна и лекови (ФДА) го повлече одобрението за итна употреба на лековите хидроксихлорокин и хлорокин во третманот на пациенти со ковид-19.

Лекот хидроксихлорокин инаку се користи за спречување и лекување на маларија, а Доналд Трамп многу често го рекламираше како потенцијален лек за лекување на коронавирусот и рече дека и самиот го земал.

„По разгледувањето на сега достапните истражувања за лековите, ФДА утврди дека овие лекови не ги исполнуваат законски пропишаните критериуми за одобрување за итна употреба, бидејќи, врз основа на најновите научни докази е малку веројатно дека ќе бидат ефикасни во лекувањето на ковид-19“, соопшти денес агенцијата на својата интернет страница.

„ФДА заклучи дека врз основа на најновите информации, веќе не е разумно да се верува дека оралната употреба на хидроксихлорокин и хлорокин би можела да биде ефикасна во лекувањето на ковид-19, ниту е разумно да се верува дека познатите и потенцијални придобивки од овие производи ги надминуваат нивните познати и потенцијални ризици“, напиша главниот научнич на ФДА, Денис Хинтон во писмото до Гери Дисброу од Дирекцијата за напредни биомедицински истражувања и развој (БАРДА).

Одобрувањето за итна употреба на овие лекови беше со ограничен обем и се однесуваше само на хоспитализирани пациенти со ковид-19. Сепак, воочено е дека хидроксихлорокин и хлорокин се поврзани со појава на сериозни срцеви проблеми, како и други несакани ефекти кај пациенти заразени од коронавирус.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти денес дека сè уште ја испитува ефикасноста на хидроксихлорокин во лекувањето на заразата со коронавирус. СЗО привремено ги прекина споменатите клинички испитувања во мај поради загриженоста за безбедноста на лекот и да ги анализира сопствените податоци, но програмата ја продолжи на почетокот на овој месец.

Трамп честопати ја промовираше комбинацијата на хидроксихлорокин и антибиотикот азитромицин (Сумамед) како лек за ковид-19, и покрај барањата од научниците да почека научната заедница да утврди која е вистинската ефективност на овие лекови. Покрај тоа, тој рече дека самиот земал хидроксихлорохин за да ја спречи можноста од инфекција со коронавирус.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •