ноември 30, 2021

ИЗБОРИ

Зошто се брза со избори? Има ли некаква логика во одржување на избори во сред најголемиот врв на заразата со Ковид – 19, ризикувајќи слаба излезност, но и дополнително распламтување на заразата. За некого има, или народски кажано “гајле му е за нас”.

Сподели
 
 
 
   more
inbound1816665061250070195

Од своето осамостојување граѓаните на Македонија се палат на избори, а избор немаат. Не дека во Македонија нема квалитетни и чесни луѓе, туку таквите не можат да се доближат до врвот на партиите, а камо ли до државна функција, каде би можеле и нешто да направат за државата. Оти да се биде на власт значи “да работиш 99% за државата, а 1% за себе”. За волја на вистината познавав и многу квалитетни луѓе, кои сега, откако се приклучија на партиските организации (читај влегоа во трка за поделба на колачот), верглаат само политички памфлети, како расипани плочи и некако ми прават сомнеж дали се тоа истите познаници, колеги, пријатели…

Но, сега да видиме по што се овие избори посебни? Реално исти се глумците и режисерот (со мали промени), ист е филмот, а ист ќе биде и заплетот и крајот. Но, сепак заради здравствената криза овие избори се разликуваат од претходните. По лошо секако. Па од каде е поривот да се брза на избори?

Прво, во овој четиригодишен мандат на оваа Влада, од страна на американската администрација беше зацртано дека ќе се случат договорите од Преспа и со Р. Бугарија. Договорите се потпишаа, но погодувате дека одредбите од едниот сѐ уште не се имплементирани. За разлика од “Преспанскиот договор”, каде Владата на Заев дури и многу пред време го промени името на државата и каде треба и каде не, “Договорот со Р. Бугарија” заглави во комисија. Не попусто во политиката се рекло “ако сакаш да не завршиш работа, формирај комисија”. Бидејќи американската администрација знае дека “што можеш да направиш денес, не оставај за утре”, брза да го истурка и овој договор, но се разбира за тоа и треба политичка влада. Исто така можно е да има уште точки во нивната агенда, Американците никогаш не застануваат. Значи и по цена на животи тие се спремни да туркаат избори само за што побрзо да го решат и “Договорот со Бугарија”. Едноставно, без скрупули!

И второ, но многу поневеројатно, е дека американската администрација сака да го тргне Заев и да донесе свежи ликови на македонската политичка сцена. Но, оваа опција е навистина многу поневеројатна, со оглед на тоа дека дури и Американците се изненадени од кооперативноста на Заев. Во историјата на Македонија сите премиери нешто одработувале, а Заев сѐ, дури и незамисливите работи. Да сум јас на нивно место, не би го менувал тимот што победува.

Затоа почитувани, не се надевајте дека нешто ќе се промени на подобро после овие избори. Како што пишав и погоре, со исто сценарио и исти глумци и режисер, не може да се сними различен филм.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
 
 
 
   more