октомври 24, 2021

Ни на исток, ни на запад, на север ни југ!?

Фросина Ременски

Сигурно се сеќавате на оние графити низ Скопје, правени по шаблон со ликот на Сашо Мијалков и паролата „Секогаш на браникот на татковината“. Стојат уште на некои места.
Темата на ова писание не е тој, иако тој е самиот приказна за себе. Тема се неговите заменици, помошници и соработници кои „со години држат правец“ – „Ни на Исток, ни на Запад“ по рефренот од песната на нашинецот со српско државјанство Џеј Рамадановски.

Неколку месеци наназад, неколкумина што се сметаат за „упатени“ во политиката, упорно ме убедуваат/ми пишуваат/ме предупредуваат (од ним познати причини), дека Тој „од браникот на татковината“ секогаш бил европски/западно ориентиран и дека, имал сериозен придонес на нашиот пат кон Западот. Ме убедуваат, како Тој отсекогаш бил „двигателот на прогресивните сили во ВМРО-ДПМНЕ“. Интересно е што ваквите тврдења доаѓаат и од луѓе од опозиција и од луѓе од позицијата.
Ниту спорам, ниту ќе спорам со нив околу нивната перцепција за Сашо Мијалков. Можеби е така, можеби не е. Секој, па и јас, имам право да имам изградено став за луѓе.

 Тоа што мене ми е поента во писанието е тоа „Кој му го држел правецот со службата со која раководел“ (Исток-Запад, Север-Југ) во годините кога беше алфа-омега во нашиот правосуден и судски „систем“⁉️

‼️Не треба да се убедуваме дека, времето на Груевски, беше време и на Мијалков и неговите извршители, а тоа време беше време на најголема стагнација на државата на патот кон ЕУ и НАТО, и време кога си го понесовме епитетот „заробена држава“ и владеење со злоупотреба на моќта.

Во негово време се случија неколку случаи за кои многумина од нас (тогаш опозиција), зборувавме и аргументиравме дека се политички монтирани случаи, јас би додала „разузнавачко-контраразузнавачки операции“ во кои сериозен удел имале неколку ликови кога во тоа време биле очи, уши, нозе, раце и мозок на прогресивецот за про-западна идеолошка поставеност на службата/државата.

Во 2013 година кога станав потпретседател на СДСМ и почнав да ја конституирам Комисијата за внатрешни работи во партијата, кога на прсти се броеја луѓето што отворено и без страв зборуваа за состојбите во полицијата и сферата безбедност, се случи ШПИОН. Се сеќавам добро дека, еден сегашен началник во организиран криминал (Лазе Велковски), а поранешен разузнавач пушти човек да ми каже, да не го контактирам, за да немало последици. Не го контактирав, а советодавната работа на партиската Комисија за внатрешни работи продолжи да работи на две шини.

 Во ШПИОН „паднаа“ луѓе со интересен профил. Заедничко им беше тоа што сите во тој временски период (и пред тоа) се занимавале со прашања/аналитика од сферата на безбедноста, криминалитетот, општествено-политичката прогноза и сериозна критика на тогашната власт на Груевски. Но, ОЈО ГОКК тогаш им даде друг именител – злосторничко здружение, разузнавачка мрежа кој шпионирала за унгарска и грчка разузнавачка служба.
Во тој временски период, прогресивецот за свој заменик го имаше незаменливиот „пензионер“ Сиљан Аврамовски и помошникот за странски служби Горан Николовски – Џони.

Додека од медиумите помпезно се буткаше обвинителско-полицискиот дострел за разбивање на шпионска мрежа на странска разузнавачка служба (унгарска/грчка), НИКОЈ не виде дека државата/службата обезбедила докази за протерување на странски државјани кои биле „на линија“ на притворените шпиони

Не тераше многу конструираната помпа за ШПИОН, кога во Јануари 2015 година по драматична прес-конференција на Никола Груевски беше објавен случајот ПУЧ МВР ги приведе, а Судот ги притвори брачниот пар Верушевски, службеник во Општина Струмица, Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, а подоцна го обвини и Зоран Заев. Обвинението се однесуваше за неовластено прислушкување, тонско снимање, и повторно шпионажа и тезата од која Никола Груевски не отстапи – странски служби⁉️
Како во времето на „осмислување“ на ШПИОН, така и во времето на „осмислување“ на ПУЧ – ланчано – со УБК раководи прогресивецот и неговиот заменик за се – Сиљан Аврамовски, и помошникот за странски служби Горан Николовски.

 Тргна конструираната помпа за ПУЧ, паралелно со објавувањето на „бомбите“ од седиштето на СДСМ, кога како гром од ведро небо во Мај (9-10) се случи „Малата војна“ во кумановско Диво Насеље во која загинаа осум (!) припадници на МВР, а повеќемина беа повредени. Многу неодговорени прашања до денес, меѓу кои едно од прашањата кое срамежливо се потенцираше: Дали во настаните биле вмешани странски служби⁉️

Како и во времето на „осмислување“ на ШПИОН (2013), ПУЧ (2014/2015), така и во време на ДИВО НАСЕЉЕ – „Малата војна“ланчано – со УБК раководи прогресивецот и неговиот заменик за се Сиљан Аврамовски и помошникот за странски служби Горан Николовски.

Два дена по трагедијата за МВР/државата во Диво Насеље Сашо Мијалков и Гордана Јанкуловска под „нечии притисок“ дадоа оставки од функциите Директор на УБК и Министер за внатрешни работи.
Заменикот за се Сиљан Аврамовски остана да биде заменик на Владимир Атанасовски, а помошникот за странски служби Горан Николовски, остана за странски служби. Митко Чавков стана министер за внатрешни работи.


ДИГРЕСИЈА: Летото 2015 година во кревка безбедносна состојба и политичка криза започнаа преговорите во Пржино под прокровителство на меѓународната заедница за формирање на техничка Влада за организирање на предвремени парламентарни избори со учество на СДСМ во техничка влада и донесување на повеќе измени на закони. Бев дел од преговарачки тим на партијата, а подоцна бев избрана за министер за труд и социјална политика во техничката Влада на Емил Димитриев. Во кадровското консензуално усогласување на партиите за министер за внатрешни работи од страната на ВМРО-ДПМНЕ учествуваа Сашо Мијалков и Никола Груевски. На 11.11.2015 година беше избрана техничката Влада со учество на два министри и три дополнителни заменици министери на СДСМ. Во Јануари 2016 година Никола Груевски поднесе оставка. На 09.11.2015 година и официјално започна со работа Специјалното јавно обвинителство (СЈО).


 По конституирање на Собранието по изборите во декември 2016 година, од 31.12.2016 година започнаа роковите за избор на Влада со доделување на мандат на партијата која ќе обезбеди 61 пратеник. Следуваа сите познати случувања во Собранието кои завршија со насилството на 27.04.2017 година.

Се случија насилните настани од 27 Април со веќе познатите улоги на осудените и обвинетите службени лица, лицата под фантомки, самураите, нинџите, прикриените тимови, организаторите, нарачателите.

Посебно интересно во случувањата на 27 Април е присуството на српскиот разузнавач Горан Живањевиќ во Собранието. Разузнавачот Живаљевиќ кој во ниту еден момент НЕ СМЕЕЛ да биде присутен во Собранието за време на тие настани. Си направи селфи од пленарната сала, додека во прес-центарот на Собранието се правеше обид за атентат на Зоран Заев и убиство на Зијадин Села. По обелоденувањето на неговото присуство во Собранието, се случи дипломатски преседан на негово непротерување од државата, би рекла за атар на добрососедските односи помеѓу Македонија и Србија.

Ако се прочита новинарската ретроспектива за српскиот разузнавач во Македонија – Живаљевиќ, јасно е дека тој и неговите соработници биле/се многу добро интегрирани во нашето општество (да не кажам „систем“). Зачудуваше медиумската ангажираност и контакти кој тој директно/индиректно ги имаше/ги има со политичари, пратеници, бизнисмени, новинари и по некој самурај во тоа време.

Просто е неверојатно, како „Некој“ се досети дека, главното алиби за присуство на „удбашите“, самураите и прикриените тимови во Собранието за 27 Април треба/може да биде разузнавачот Горан Живаљевиќ, а не Зоран Заев и останатите.
‼️Просто е неворојатно како „агентите самураи“ на УБК (ушите и очите на Горан Груевски и останатите), српски разузнавачи, заедно со угледни бизнисмени си мезеле сушико мени во многу интересни периоди за нашата државичка.
„Ма Војводина је мала за тај пољопривредни бизнис, ј.б .оте⁉️

Како и во времето на „осмислување“ на ШПИОН (2013), ПУЧ (2014/2015), ДИВО НАСЕЉЕ (2015), така и за време на „Насилството од 27 Април во Собранието – ланчано – со МВР раководи Митко Чавков, со УБК Владимир Атанасовски, и заменикот за се Сиљан Аврамовски и помошникот за странски служби Горан Николовски.

По формирањето на Владата на Зоран Заев, по предлог на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, помошникот за странски служби на Сашо Мијалков, Горан Николовски – Џони беше именуван од Владата за Директор на УБК.
Од оваа временска дистанца се испоставува дека, КРИК-кариерата на Горан Николовски – Џони на позицијата директор на УБК, преку негов „професионален транзит“ во новата власт се должи токму на случајот кој никогаш не стана случај – Горан Живаљевиќ⁉️

Во тоа „професионално транзитирање“ во новата власт не остана кус и заменикот на Сашо Мијалков, Сиљан Аврамовски кој „по сила на Мијалков“ продолжи да си биде заменик на помошникот по странски служби/новиот директор на УБК. Владата со решение го постави за „главен реформатор“ на системот за следење на комуникациите и УБК и тој почна „да реформира“.
И тогаш и сега се чудам и се прашувам, Дали во МВР и во другите институции немаше стручњаци, за да го заменат „назаменливиот“⁉️

Додека се беше на куп – во смисла на решавање на политичко-дипломатски прашања од важност за евроатлантските интеграции на државата си течеше „непречено“ работата на СЈО и си течеа реформите.

На 27.10.2017 година, додека сите се надеваа дека ќе го видат на Суд, не осамна веста дека Горан Грујевски и Никола Бошковски (обвинети во Таргет-Тврдина) како Христо и Неџми, патриотски ПРЕБЕГАЛЕ во Грција.
Ова патриотски е иронија, но факт е дека, Горан Грујевски покрај вториот идентитет тука како Варелов, си зел бугарски идентитет на претседателот на патриотското друштво „Организация за закрила на българските граждани“ Христо Атанасов од Бургас. Неџми не бил толку патриотски настроен – лажен бил.
ИСТРАГА за нивното бегство скоро и да немаше, и останаа без одговор клучните прашања за странските служби и улогата на одредни ликови. Секое совпаѓање на лица и служби вреди за внимание.
„Кој знае како избегаа“⁉️

На 13.11.2018 година, додека сите се надеваа дека ќе го видат во Шутка, на одлежување на казна затвор, не осамна веста дека Никола Груевски, патриотски ПРЕБЕГАЛ во Унгарија.
Ова патриотски е иронија, но факт е дека ИСТРАГА како и да немаше и без одговор клучните прашања за странските служби и улогата на одредни ликови.Секое совпаѓање на лица и служби вреди за внимание.
„Кој знае како избегаа“⁉️

На 20.11.2018 година, додека сите се неверуваа дека ќе ги видат во притвор, СЈО и МВР ги притвори осомничените во случајот Империја, меѓу кои Сашо Мијалков и Орце Камчев. Сите ја поздравија внимателноста на СЈО, ОЈО и МВР по бегствата претходно, да не им се случат нови бегства.

Додека се крчкаше реформата на УБК под водство на заменикот на Сашо Мијалков, и (по сведочење на Орце Камчев), додека „обвинетите во Рекет го рекетирале за да го пуштат од притвор“, дознаваме дека помошникот за странски служби/Директорот на УБК Горан Николовски добил пријави за рекетирање од Ана Камчева, бил континуирано брифиран од Орце Камчев кога „трансакцијата била завршена“, давал добри совети за снимање, НО НЕ ПРЕЗЕЛ НИШТО.

Кога во предвечерието на реформата се отворија сите таложени и неодговорени прашања „За да не се повтори“‼️: за странските служби во случаите ШПИОН, ПУЧ, Диво Насеље, 27 Април и други; кога „назамливиот пензионер реформатор“ ПАДНА на „ПРОПУСТ“; кога останаа без одговори сите случаи со зачинот „странски служби“; кога паднаа ослободителни пресуди за случаи и никој не побара одговорност; кога државата почна да исплаќа оштети за притвори; кога логиката за ШПИОН отиде до „унгарскиот шпион“, до „грчките шпиони“, до „српските шпиони“, до „бугарските шпиони“ и сите други „конзули“, тогаш стана јасно дека, сите што логицираат и врзуваат два со два ОСТАНУВААТ НА АУСПУХОТ НА ТАТКОВИНАТА‼️

И не мислете многу, кој каде е, и зошто е – кој пребега, , кој суди, кој е суден, кој води истраги, кој е обвинет, кој е осуден, кој е оштетен, кој е пензионер, кој е подобен, кој е неподобен, кој не е директор и каде се разузнавачите⁉️
Тука се‼️
Тука се и нивните соработници‼️
Си седат по кафичи, си брифираат новинари, си се врзуваат-сврзуваат „по идеологија“ и си тераат „по планот напред“ кон ЕУ и НАТО⁉️

Ние останува да си гледаме театар наречен „борба против организираниот криминал и корупција“ и да се надеваме дека, сите ќе сфатат „Кој и како не реформираше“⁉️
Прашањето: „Каде се згреши⁉️“ е (можеби) доцна за поставување.
Одговорите стигаат во обланда, кажани-недокажани, чуени-недочуени, најчесто ИГНОРИРАНИ.

На крајот од ова кратко писание, за големи работи, се враќам на рефренот „Ни на Исток, ни на Запад“ во стилот на Џеј Рамадановски со гласен рефрен „На Север и Југ“, за да потсетам дека, про-западната ориентација на најодговорните „за држење правец“ и не биле толку про, колку што биле контра.

Еднаш одговорен по странски служби – секогаш одговорен по странски служби !

Автор: Фросина Ременски, потпретседател на Собранието на РМ

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •