јуни 23, 2021

Вирусна тема за дилема

Елена Петрова Костова

Научниците директно ги менуваат и модифицираат вирусните геноми веќе 20 години (иако уште од 70-тите години постојат контроверзи за тоа што сè излегува од лабораториите), почнувајќи од создавање нови вируси, преку нивно подредување и пренесување на серии домаќини, па до забрзување на селекцијата и еволуирањето.
Сето тоа за да се добијат што е можно повеќе варијанти на вирусите и тие да се проучуваат.

Малку од тоа има допрено до јавноста, до пред едно 10-ина години кога научниците од Њујоршкиот Универзитет Стоуни Брук – случајно или не, местото каде што за првпат од нула е создаден комплетно нов РНК вирус – го зеле H5N1 вирусот, му го промениле геномот на две места и го пренесувале на неколку генерации заморчиња сè додека тој не станува – пренослив преку воздух.
Ваквите истражувања со сосема мали интервенции во геномот кој потоа се пушта низ неколку серии живи домаќини – прават две работи:
-прво, се добива вирус кој изгледа природно и не личи дека е генетски менуван;
-второ, се добива вирус кој е далеку од своето оригинално семејно стебло.

Мајкл Остерхолм е еден од оние кои не ја кажуваат целата приказна за модифицираниот H5N1 вирус во однос на кој „смртоносната пандемија од 1918 година ќе изгледa како досадна настинка“.
Резултатите биле толку проблематични што американскиот Национален Институт за Здравство (НИЗ) побарал тие да бидат објавени дури откако ќе бидат отстранети доволно детали кои би можеле да помогнат во реплицирање на експериментот.

Но, истражувачите знаеле, особено оние кои веќе биле запознати со коронавирусите. Двајца од нив тоа го имаат научено во лабораторија на Универзитет од Северна Каролина (UNC) во 2015 година, а потоа се имаат вратено да работат дома.

НИЗ во 2014 год., ќе забрани еден вид контроверзни геномски истражувања, но ќе ја подигне забраната во 2017 год.

Зошто?
За да им се дозволи на научниците да ги доистражат вирусите на ГРИП, како и на САРС и МЕРС, блиски роднини на новиот коронавирус.
Со тоа рампата се подигнала и во оваа област се истураат стотици милиони долари за поддршка на ваквите истражувања.

Добронамерноста на филантропите како Бил Гејтс и нивните пари не значат баш сè. Гејтс беше добронамерен и со мрежите против комарци за запирање на маларијата, па после се испостави дека локалното население таа мрежа повеќе ја користи за риболов и со неа прават бетер зијан – помор на подмладокот на рибниот фонд.

Од друга страна, има такви кои не се ни трудат да се претстават како филантропи. Еден од нив е Питер Дазак. Неговата компанија (EcoHealth Alliance) е непрофитна и зависи од мулти-милионски владини грантови, а со години е партнер и со една кинеска истражувачка.

Таа е еден од оние двајца кои научиле како се создаваат хипер-вирулентни корoнавируси во UNC во 2015.
Се вика Женгли Ши. Во една неодамнешна ПР статија таа тврди (а Дазак потврдува) дека проверила, но не нашла совпаѓање на геномот на ковид-19 со она што таа го има во лабораторијата.
И сега треба да му се верува на збор на некој кој учествувал во создавање на франкенштајновски вирус, и дека туку-така ќе признае и ќе си ја уништи кариерата.

Ако некој уште не е сигурен дали инволвираните научници се искрени, тука е доктор Ралф Барик.
Toj ja води таа фамозна UNC лабораторија во која е создадена хипер-вирулентната варијанта на коронавирусот (со РНК сплајслинг и протеинска интервенција во постоечки коронавирус), правејќи монструм кој е толку суров што виролог од парискиот институт Луј Пастер има предупредено:
„Ако ова (новиот вирус) излезе надвор, никој нема да може да му ја предвиди траекторијата.“

Кога на почетокот на оваа криза бил прашан за опасностите од новиот вирус, тој ладно кажал дека повеќе би се секирал околу – грипот.
Прилично бизарна изјава од човек во чија лабораторија имаат работено и Женгли Ши и вториот Кинез (Ксинг Ји Ге) кој е првиот научник кој има изолирано природен коронавирус кој користи еден рецептор (ACE2) и кој го имаат луѓето во белите дробови, а со чија помош вирусот може да се пренесува преку воздух. Накратко, двајцата Кинези работат под водство на Барик, со средства обезбедени од Дазак а потоа, со многу знаење на темата, се враќаат на работа во Институтот за вирусни болести во Вухан.

Пари не брка само Дазак. Самата Женгли има обезбедено милиони долари грантови, и тоа од разни американски институции, вклучително министерството за одбрана. Оттука, иако кинескиот комунизам носи свој дел од одговорноста и од срамот што се обиде да го прикрие случајот и да ги замолчи оние кои предупредуваа, истражувања како нивните немаше да бидат можни ако американскиот институт не ја укина забраната. Згора на тоа, истите биле финансирани од американски даночни пари.

За коронавирусот

Освен што во себе не носи никакви директни знаци на генетско модифицирање (исто како и хипер-вирулентниот H5N1 птичји грип), во однесувањето и клиничката презентација на ковид-19 ништо не изгледа природно.
Толку е оддалечен од другите коронавируси што создава сопствена семејна група.

Настрана што има афинитет за рецепторот ACE2 од 10 до 20 пати поголем од САРС-от, тој реплицира вирулeнтен мaтеријaл илјадници пати повеќе од него. Овие два индикатора сугерират дека ковид-19 знае да го користи механизмот ADE (antibody-dependent enhancement) за да влезе во човечка клетка.
Тоа значи дека умее да ги киднапира белите крвни зрнца и брзо да се позиционира длабоко во нервниот систем на домаќинот.
ADE можеби објаснува зошто меѓу 5% и 10% од излечените во Вухан се подложни на нова инфекција – вирусот ги киднапира антителата создадени од првата инфекција и е спремен за повторен напад на истиот организам.

И кај ХИВ и кај Денга треската го има овој засилувач на вирулентноста, но генерално тоа е феномен на кој му треба многу време дa се развие – кога се развива природно.
Ковид-19, иако нов, ете, веќе го има овој ADE заштитен елек со кој може веднаш да влезе во нервниот систем, убивајќи многу од жртвите напаѓајќи им го делот од мозокот кој го контролира дишењето.

Тоа се совпаѓа со она што го опишуваат медицинарите од првите борбени редови.

Уште поиндикативно за (не)природното потекло на вирусот е фактот дека процесот за пренесување од еден вид на друг, наречен зooноза, следи еден пат кој е добро проучен во стручната литература.
За целосно да се префрли на друг вид, природно му требаат месеци, ако не и години за целиот процес да биде комплетен (на вирусот му требаат многу серии и генерации за да ги научи одбрамбените способности на новите домаќини).
А од друга страна, според истражување од 2018 год., само 2,7% од селаните кои живеат на само километар од озлогласените пештери со лилјаци, имале знаци за некоја претходна коронавирус инфекција.
За да се роди кај нив оваа, смртоносна варијанта, би требало да имаат логови од претходни, побенигни варијанти на вирусот…а немаат.

Наместо тоа, ковид-19 се појавува од нигде никаде (или поверојатно од локална лабораторија, вели изворот) и одеднаш е комплетно и фасцинантно опремен за борба со луѓе, се шири преку воздух и убива кај ќе стигне.
Тука е и фактот дека сите иницијални жртви биле заразени со иста варијанта на вирусот; ако се работеше за природен зоонотичен пренос, кај нив ќе беа најдени различни варијанти на самиот почеток на заразата (за дури потоа да почне да доминира најсилната).

Никој точно не знае колку починале во Вухан од ковид-19, каде крематориумите во јануари и февруари работеле 24/7 (вообичаено работат 4 часа дневно, пет дена во неделата). Морничави беа сликите на ужасно долги колони луѓе кои чекаат да го земат пепелот од своите блиски (се спомнуваат 45.000 кремирања).
Уште поморничав е податокот дека од мобилната мрежа на Кина, во меѓувреме некако снема 21 милион корисници.

За крај, ќе се повикам на збровите на доктор Јан Малколм кој во филмот Џурасик парк вели, “никогаш не е добра идеја да се поигруваш со науката и да чепкаш во нешто чии последици не можеш ни да ги замислиш.”

Автор: д-р Елена Петрова Костова

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •