октомври 23, 2021

Замаскираната игра на Аљи и Заев за премиер – Албанец

Не е проблем Албанец да биде премиер. Проблем е што се бара да е Албанец.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Роберт Милески

Не е проблем Албанец да биде премиер. Проблем е што се бара да е Албанец.

Вака пред некој ден ја искоментирав идејата за премиер Албанец пласирана во јавност од страна на Али Ахмети.

Но сепак, оваа теза потребно е дополнително да се анализира. Која е целта, што стои во позадина, и зошто токму сега е пласирана во јавност?

Политичката сцена на македонските Албанци е видно променета. Таа станува сѐ похетерогена и побогата, а со тоа директно е загрозен досегашниот монопол на ДУИ, кои важеа за најголема партија на Албанците во Република Македонија. Покрај другите албански партии, во албанското политичко јадро силно се вгнезди уште една анационална партија, LSDM, која пресметувајќи дека има многу мали шанси за зголемување на бројот на свои гласачи во македонскиот блок, почна како алтернатива да цели кон тоа да привлече сѐ поголем број албански гласови. ДУИ одлично ја процени оваа опасност, и токму затоа реагира сега, пред избори, пласирајќи тези за Албанец за премиер на Македонија.

Искрено се воодушевувам на нивната аналитичност и препознавање на моментот за делување, треба да учиме од нив. Со пласирање на оваа теза ДУИ предизборно сака да анимира што е можно повеќе албански гласови, презентирајќи дека тие, Албанците, „мора да се сплотат околу идејата“, а од друга страна истата ќе им служи како монета за поткусурување и познати уцени од нив подоцна во послеизборниот период кога ќе треба да се гради мнозинство за формирање на Влада.

Тезата открива уште една работа – ДУИ претпостаува дека следната коалиција повторно ќе ја гради со СДС, бидејќи ним им е повеќе од јасно дека вакво нешто тешко би им поминало со ВМРО-ДПМНЕ. И тука е клучот за следните избори.

Изборни математики

Според моја лична проценка, која не значи дека е точна во бројот на освоените места, ВМРО-ДПМНЕ како убедлив победник во македонскиот блок, барем на оние Македонци што ќе ги анимираат да излезат на избори, би освоил 56-58 пратеници, додека СДС не очекувам да има повеќе од 45-47 пратенички мандати (тука додадете ги 2-3 пратеници од БЕСА). Но токму тука доаѓа послеизборната математика. За да се формира мнозиство потребни се 61 пратеник. Лично не верувам во сценариото СДС со друите помали албански партии да успее да стигне до потребното мнозинство и да ги турне ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ заедно во опозиција. Доколку ДУИ освои помеѓу 10-14 мандати (претходните избори освоија 10 мандати), тогаш тие со сигурност ќе ја пласираат уцената на маса како што го направија со тиранската платформа, за која во минатото мораа да се согласат и СДС и ВМРО-ДПМНЕ на Груевски, но сепак ДУИ со помош на странско влијание одлучи која македонска партија ќе дојде на власт и истата ќе ја спроведе. СДС, претејќи и опасност да ја изгуби власта, а со тоа да се отворат поинакви процеси против нив и нивното раководство, од предавствата кои ги направија, па сѐ до многубројните коруптивни скандали, сакале или не сакале ќе мора да ја прифатат идејата на ДУИ. Можеби Заев ќе измисли некаква компензација, на пример кандидатот за премиер да доаѓа од СДС, а да биде Албанец, но сепак целта на ДУИ ќе се оствари, иако е веројатно можно премиерот да го даде ДУИ, знаејќи ја Заевата попустливост и ситуацијата во која се наоѓа да мора да спасува гола кожа од кривичен прогон.

Според оваа моја теза, клучот од една страна лежи во тоа колку опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да ги анимира Македонците да излезат да гласаат и покрај опасноста од пандемијата со Ковид-19, а од друга страна нивната соработка со Алијанса за Албанците која на претходните избори доби 3 пратенички места, како и другите помали партии кои евентуално би влегле во парламентот (според мои проценки единствено Левица ќе добие еден или максимално два мандати).

Damocles-WestallPC20080120-8842A.jpg (803×1024)
Дамоклов меч (илустрација)

Дали овие проценки ќе се остварат, ќе видиме за скоро. Но во секој случај повторно над нас Македонците како Дамоклов меч е издигната опасноста СДС да формира Влада. Тоа за нас ќе биде погубно, оти во следниот период ќе се дефинира дали македонскиот народ ќе опстане како национален идентитет, или истиот ќе биде тотално разбиен од одродите кои се биле насобрале на и околу Бихачќа, спремни да ги исполнат сите барања и отворени уцени од соседите. Колку сериозно оваа ситуација ќе биде сфатена од Македонците, за да во што поголем број излезат и гласаат ако не за друго, за својот опстанок, ќе видиме. Токму оваа опасност, Македонците да излезат плебисцитарно против СДС е она што го тера Заев дури и во време кога имаме огромен број на заразени со Корона, незаинтересиран за опасноста и изгубените човечки животи, тој да инсистира на избори, надевајќи се дека македонскиот народ ќе се исплаши и ќе остане дома.

Овие калкулации се секако само едно можно сценарио за развој на настаните. Многу од тоа зависи од ВМРО-ДПМНЕ и нивниот настап во следниот период. Досега за жал не препознав дека успеаја да изградат поголем македонски блок и да го сплотат расеаниот народ на повеќе страни, затворајќи се во себе, потпирајќи се на многу стари и излитени кадри, или такви кои немаат никаков капацитет за политика и аналитичко размислување, нешто како копија на оној тажен лик Костадинов од СДС, иако за волја на вистината додадоа и нови лица, некои одлични, како професорката Силјановска или Игор Дурловски, но и чуден и смешен избор, како што е социјалдемократот Сафет Бишевац, кој отворено во јавни настапи ја бранеше преспанската капитулација. Што стои позади ова, искрено не можам да одгатнам, мислам дека има многу поквалитетни луѓе во Македонија кои би можеле многу повеќе да придонесат за татковината. Но во секој случај водењето на партијата е во рацете на кормиларот, и тој оценил дека вака треба да се настапи. Дали ќе успее во своите намери ќе дознаеме за скоро.

Како понатаму?

Доколку се прашувам јас, настапот ќе беше сосем поинаков. Приоритет ќе ми беше сплотување на сѐ што е македонско под еден бајрак, а од друга страна зацврстувајќи ја соработката со албанските партии отворени за заедничко делување, бидејќи и ним им е тоа од корист, само треба да ја препознаат и едните и другите. Уште многу одамна ќе формирав македонско-албански форум во кој би учествувале познати јавни личности, преку кој ќе се зацврсти соработката и довербата на македонскиот народ и албанската заедница во Македонија. Македонците и македонските Албанци не се непријатели и постои огромна можност за заедничко делување. Жалосно е што на Косово му препуштивме да преземе кадри како почитуваните Блерим Река и Влера Ѓакова која јасно порача: „Никогаш Северна, секогаш Македонија”, или почитуваниот Арсим Зеколи, кои не можат да најдат свое место под македонското политичко небо, иако можат многу да придонесат за Репубика Македонија и нејзиниот развој.

Кампањата против СДС ќе беше многу поагресивна, во прв план истакнувајќи ги нивните многубројни предавства и антимакедонско делување, и секако заземајќи јасен и цврст став против сите штетни „договори“, односно капитулации, со кои никогаш не би калкулирал во стилот ниту риба, ниту девојка. Само тогаш македонскиот народ ќе почувстува дека позади него стои некој да го заштити од нападите како од надворешните, така и од внатрешните душмани. Што би рекол народот, тогаш би си го заслушил она ВМРО во името.

Имам уште многу што да пишувам на овие теми, но засега е доволно, за да не ви замине вашето ценето внимание, оти со Фејсбук некако сите се научивме да пишуваме кратки текстови и чувствувам дека се губи аналитичноста во нас, преокупирани со секојдневните глупости на власта, наместо да вдишеме длабоко, да одредиме време и да се сконцентрираме пишувајќи наши гледишта за одредена општествена тема. Но, еве си ветувам себеси дека тоа ќе го променам.

И за крај сакам да ја искористам оваа прилика да ве поканам сите кои се чувствувате способни да помогнете во развојот на македонската плуралистичка мисла, да пишувате текстови кои ќе бидат објавувани на овој нов македонски портал dijalektika.com, создаден за вас, чија единствена цел е да го разбие монополот на мал број одбрани уредници кои одлучуваат кој може да биде колумнист, и чии мисли можат да се прочитаат од поголема публика.

Автор: Роберт Милески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •