јуни 23, 2021

Пендаровски: Нема нова вонредна состојба, за изборите мора решение, ВМРО-ДПМНЕ негодува: Македонија е балкански Вухан, продолжете ја вонредната состојба

стево-пендаровски

Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, нема да прогласи нова вонредна состојба. Тој на денешната прес конференција рече дека законски тој може да прогласи вонредна состојба и без барање од Владата, но овој пат нема да го направи тоа, бидејќи нема потреба од тоа, а во врска со здравствената состојба Владата ги има обезбедено сите неопходни мерки и подготовки.

„На 30 мај донесов одлука за продолжување на вонредната состојба, која истекува утре. Сите претходни вонредни состојби ги прогласував на барање на Владата, по заседавање на Советот за безбедност. Една од потребите беше, во услови кога Собранието е распуштено, да се носат уредби со законска сила. Претседателот може и без барање на владата да прогласи вонредна состојба, но тоа не го направив. Во овој момент нема потреба да прогласам нова вонредна состојба“, рече Пендаровски.

Претседателот додаде дека постои законска регулатива во случај да има потреба да се применуваат мерките како што се полициски час или воведување други превентивни мерки.

Во врска со изборите, Пендаровски ги повика Зоран Заев и Христијан Мицкоски да седнат уште денеска и да најдат решение за надминување на личните интереси, во интерес на државните интереси и на граѓаните.

„Јас знам дека најголемиот број граѓани воопшто не размислуваат за избори во период кога има пораст на заразени од ковид-19, но сепак, избори во време на корона се неопходни за да добиеме Парламент. Власта и опозицијата се согласни дека изборите треба да ги надгледува ОБСЕ-ОДИХР, како и дека се потребни посебни протоколи за безбедно гласање. За жал, власта и опозицијата не се согласуваат за датумот на изборите. Предупредувам за потенцијална опасност и непожелен развој на настаните. Говорот на омраза ги продлабочува разликите, од март се наоѓаме во комплексна здраствена криза, а поради тоа што Собранието е распуштено, имаме елементи за уставно-правна криза. Ако не се договориме за изборен процес, тоа ќе значи влез во длабока криза. Евентуалната правна и политичка криза може да прерасне во безбедносна. Упатувам јавен повик до Зоран Заев и до Христијан Мицкоски да седнеме уште денеска и да најдеме излез од оваа ситуацијса со ставање на државните интереси над личните“, рече Пендаровски.

Во спротивно, додаде Пендаровски, би можело државата да биде втурната во политичка криза што би ја загрозило европската перспектива и напорите за надминување на корона кризата.

ВМРО-ДПМНЕ испрати сосема спротивна порака до Пендаровски: Македонија е балкански Вухан, продолжете ја вонредната состојба.

Јанушев го обвини Пендаровски дека носи одлуки под притисок на Заев.

ВМРО-ДПМНЕ бара од претседателот Стево Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба поради зголемениот број заболени и починати од ковид-19. Оценуваат одлуката за непрогласување вонредна состојба на Пендаровски е политичка, донесена под притисок на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„Затоа претседателе Пендаровски единственото што ви преостанува поради доброто на граѓаните, поради вашата уставна обврска да и служите на Македонија и поради вашата одговорност да ги заштитите граѓаните мора да ја продолжите вонредната состојба. Издигнете се над притисоците од Заев, кој во ужасот низ кој поминува народот го гледа само својот спас од одговорност и жилаво и нервозно се бори за тесен пораз газејќи над илјадници судбини. Немате обврска да му служите на Заев, но имате обврска, уставна и морална да го заштитите здравјето на граѓаните. Продолжете ја вонредната состојба, бидејќи кариерата на Заев завршува, но да спасиме да згаснуваат животи на недолжни граѓани“, рече генералниот секретар на партијата Игор Јанушев на денешната прес-конференција.

Тој кажа дека како партија се отворени за консензус за датумот за избори и разговори без разлика во кој формат би биле средбите, но оти за нив е најважно здравјето на граѓаните.

„Лицитирањето со датуми во овој момент кога имаме огромен раст на новозаболени и на починати е всушност лицитирање со здравјето на луѓето. Тоа нема да го правиме… И додека се бројат починатите СДСМ и Заев водени од желбата за личен спас и одбегнување на одговорност брифираат датуми за избори, во исто време кога се колнат во консензус носејќи еднострано одлуки за избори, се надеваат и си поигруваат со судбините и животите на луѓето“, рече Јанушев додавајќи дека за да излезат со датум треба да има нормализирање на состојбата.

Во однос на ситуацијата со коронавирусот во земјава, Јанушев ја нарече земјава „балкански Вухан“, како резултат на, како што кажа, немањето капацитет на Владата за справување со здравствената криза.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •